Општина Куманово со автентичен сувенир ќе го промовира градот
Општина Куманово ќе ја подобрува туристичката промоцијата на градот со оригинален сувенир, кој ќе биде понуден на гостите кои го посетуваат.
За таа цел распиша конкурс за идејно решение и ги повика правните и физички лица, кои ги познаваат одликите на градот и околината, да изработат автентичен сувенир кој ќе го отсликува карактерот на градот.
„Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливност и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово,- соопштуваат од Одделението за стратешко планирање при Локален економски развој во Општина Куманово.
Сувенирот може да биде изработен од еколошки материјали како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина и гипс.
Конкурсот трае до 30. мај, а стручна комисија ќе го избере најдоброто решение. Наградата на авторот “Сувенир на oпштина Куманово” изнесува 30.000 денари.