Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Втора година по ред, оркестарот „Симфониум“ од Гимназија „Гоце Делчев“, предводен од професор Филип Петровски, го освои првото место на Државниот натпревар по оркестри „Вива ла музика“ во Скопје.
Во силна конкуренција од шеснаесетина оркестри од основни и три оркестри од средни училишта, кумановските музичари го освоија првото место.
„За натпреварот активно се подготвувавме добри три месеци и сум навистина горд на овие талентирани млади луѓе со кои заедно успеваме, повторно, како и лани да станеме државни прваци по оркестар во Македонија. Сите имаат огромен музички потенцијал кој може да се искористи за од нив да се направат вистински врвни музичари“, вели Петровски, раководител на оркестарот.
„Симфониум“ е составен од 16 ентузијастични гимназијалци кои се доста активни во градот, но и во земјата. Во претходните три години имаат одржано повеќе од 40 концерти, имаат настапувано на значајни манифестации и настани за Куманово, а годинава во февруари, традиционално, по трет пат го одржаа и нивниот познат „Љубовен мјузикл“ по повод празникот Свети Трифун.
„Се трудиме да ја донесеме класичната музика во Куманово преку изведување на најпознатите светски класични дела од Чајковски, Бах, Бетовен, за едно вистинско музичко освежување на градот. „Симфониум“ прерасна во синоним за префинета музика во нашиот град“, додава Петровски.
Во наредниот период оркестарот планира гостувања низ повеќе градови во Македонија, во Охрид, Кичево, Свети Николе, како и настапи во градот.