20. 11. 2020 08:27

Петмина кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово

Петмина кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово

Петмина кандидати се во најтесен избор за претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово.

Неофицијално, во трка за прв човек на огранокот се Бране Петрушевски, актуелен претседател и пратеник, Сашо Стошевски, советник, Срѓан Ивановски, поранешен претседател на УМС, Бобан Николовски, поранешен претседател на општинскиот комитет и Александар Димитријевски.

Партијата минатиот месец објави оглас за избор на нови раководства во општините, при што од Куманово се пријавиле петнаесетина кандидати. Сите биле на интервју во партијата со лидерот Христијан Мицковски, по што во најтесен избор влегле петмината. Во тек е телефонска анкета за рејтингот на кандидатите помеѓу партиското членство.

Претседателот на опшинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски потврди дека во тек е постапка за избор на претседател во редовна внатрепартиска процедура.

- ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во континуитет врши проверка на рејтингот на своите функционери и го испитуваме мислењето на членството и јавноста во врска со работата и изборот на нашите функционери, - изјави  Петрушевски за Кумановоњус.

Резултатите од оваа анкета ќе се користат и за пополнување на местата во партиските органи на централно и локално ниво, а ќе се види и поддршката на одредени луѓе пред локалните избори.

Кој ќе го води општинскиот комитет во наредните две години ќе се знае наскоро.

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk