×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Петнаесетина деца секојдневно питачат по кумановските улици, се бара системско решение за проблемот

    03.02.2023 09:36 | Оливера Пешевска

    Проблемот со малолетните деца кои питачат не може лесно да се искорени и неопходна е меѓуинституционална соработка за изнаоѓање на системско решение со кое ќе се сузбие оваа појава. На децата и на нивните семејства потребна им е поддршка и едукација, а најприоритетно е овие деца да се вклопат во образовниот процес и во системот.

    Петнаесетина деца секојдневно питачат по кумановските улици, се бара системско решение за проблемот

    Ова е заклучокот од заедничкиот состанок на локалните и државни институции од Куманово, иницирана од загрижувачката состојба со питачењето на малолетниците. Тие се децидни дека парцијалното делување не дава резултати и дека само со координирана и сеопфатна акција може да се превенира и искорени ваквата „традиција“ на однесување што е на штета на децата.

    „Малолетните питачи обично се на возраст од 5-6 години и секојдневно може да се забележат на најфрекфентните места во градот, во централното подрачје, на крстосниците, пред угостителските и трговски објекти. Во летниот период, пак, кога бројот на странците е многу зголемен, дури земаат и такси превоз и се концентрираат на наплатните рампи на патарините или на граничниот премин Табановце. Питачењето за нив е лесен начин на заработка“, вели Даниела Младеновска Спасовски, социјален работник, координатор на тимот за деца на улица при Центарот за социјални работи од Куманово.

    Во моментов, Центарот следи 15 случаи на деца затекнати како питачат и во соработка со МВР изготвуваат акциски план за увид на терен. Истовремено, се преземаат и соодветни мерки во кои се вклучени не само децата, туку и нивните семејства, кои најчесто се со висок социјален ризик или корисници на права за социјална заштита.

    „Кога ќе се затекнат малолетници, кои се наведени да питачат од своите родители или од други возрасни лица, првин се утврдува нивната општата психофизичка состојба, се посетува нивниот дом и се работи со семејствата 6 месеци советодавно. Разговаравме со родителите, ги советуваме, поставуваме надзор над вршење на родителско право. Ако и по изминатиот период малолетниците повторно се затекнат на улица, тогаш се поднесува предлог за одземање на родителското право“, објаснува Елизабета Ангеловска, социјален работник од Центар за социјални работи Куманово.

    Од СВР Куманово истакнуваат дека проблемот е детектиран во целата држава и дека треба да му се даде приоритет во наредниот период.

    „Питачењето на децата се зголемува особено во летниот период и затоа треба да бидеме подготвени. Полицијата е дел од Локалниот совет за превенција, отворени сме за соработка и треба заеднички да дејствуваме за да го намалиме бројот на малолетни питачи на улица“, подвлекува началникот на Секторот за превенција на СВР Куманово, Александар Јанковски.

    И од Општина Куманово велат дека се свесни за загрижувачката состојба со питачењето, кое ги изложува малолетниците на злоупотреби и во прашање ја доведува нивната иднина. За нив решението е да им се помогне на семејствата да се осигураат и нивните деца да се тргнат од улица и да се вклучат во образовниот систем.

    „Тие деца треба да се во образовниот систем, да се едуцираат и да бидат продуктивен потенцијал за општината и државата, а не да се препуштени на улицата. Општината треба да ги поддржи нивните родители, да им најде работа, да им помогнеме. Верувам дека секој што сака да работи може да најде работа, особено сега кога секаде се бара работник плус“, истакна Ивана Ѓеоргиевска, претседателка на Советот на Општина Куманово.

    Надлежните се едногласни дека е потребна и кампања со која ќе се апелира граѓаните да не им даваат пари на децата, затоа што така не се решава проблемот, туку напротив, тоа децата ги враќа на улица.