Мени

Почна уривањето на дивоградбите на угостителските објекти во Куманово

16.12.2025 11:34 | KumanovoNews

Општина Куманово започна со отстранување на урбаната опрема на угостителските објекти, која е нелегално поставена на јавните површини во градот.

Почна уривањето на дивоградбите на угостителските објекти во Куманово

Надлежните информираат дека во тек е уривање на објектот на „Ирски паб“, а во јануари ќе се постапува уште на два објекти во центарот на градот, а потоа и на останатите во поширокиот опфат.

„Поголемиот дел од угостителските објекти поодамна имаат добиено решенија за отстранување на урбаната опрема, бидејќи немаат одобрение за нејзино поставување согласно одлуката донесена од Советот на Општина Куманово. Откако сопствениците не ги отстранија дивоградбите во предвидениот рок, им беше доставен налог за отстранување, по кој тие можат самите да ги отстранат или да чекаат тоа да го стори Општината, по што ќе треба да ги надоместат направените трошоци. Во конкретниот случај со „Ирски паб“, урбаната опрема ја отстранува сопственикот“, велат од Општина Куманово.

Пред неколку месеци беше отстранет дел од локал кој зафаќаше тротоар на бул. „Октомвриска револуција“.

Граѓаните ја поздравуваат одлуката и бараат да нема селективност, да се отстранат дивоградбите на сите угостителски објекти.

„Колку објекти ќе бидат урнати ќе зависи од финансиските можности, односно, додека не се потрошат предвидените средства“, додаваат надлежните.

За оваа намена, Општина Куманово во буџетот за 2025 година предвидела 3 милиони денари, односно околу 35.000 евра.