Почната постапката за вработување на 23 специјализанти во Кумановската болница
Општата болница Куманово ја започнала постапката за вработување на 23 приватни специјализанти.
Со овие вработувања, бројот на вработени приватни специјализанти ќе достигне вкупно 50, откако во првата фаза беа вработени 27.
„Предвидено е да се вработат шестмина доктори по неврологија, четворица по интерна медицина, тројца по пулмологија и алергологија, двајца по гастроентерохепатологија и по еден доктор по гинекологија и акушерство, дерматовенерологија, кардиологија, ортопедија, психијатрија, физикална и рехабилитациона медицина, медицинска биохемија и радиодијагностика“, соопштуваат од Општата болница Куманово.
Со новите вработувања се очекува зајакнување на медицинскиот персонал и подобрување на здравствените услуги во кумановската болница.
Министерството за здравство го реализира проектот за вработување на 600 приватни специјализанти на државно ниво.