×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Повозрасните жени се` почесто жртви на семејно насилство во Куманово

    30.11.2020 09:29 | KumanovoNews

     Жени на возраст над 60 и 70 години се` почесто се жртви на семејно насилство во Куманово.

    Повозрасните жени се` почесто жртви на семејно насилство во Куманово

    Од Центарот за социјални работи велат дека како најчести индикатори за насилството во постарите години ги наведуваат здравствените и финансиските причини, како и традиционалните сфаќања коишто ги има повозрасната група дека домот мора да се сочува по секоја цена.

    „Во последно време почесто семејно насилство пријавува повозрасна група, односно жени кои се дури и над 70 години. Алкохолизмот кога ќе дојде во допир со деменцијата доаѓа до физичко насилство, а најчесто постарата генерација и со години трпела физичко насилство поради традиционалните сфаќања дека мора да го сочува домот. Но проблемот во моментот е и во тоа што тие физички не можат да се одделат бидејќи живеат во иста куќа, која заеднички ја правеле, најчесто или се делат по спратови доколку имаат поголема куќа или пак си ги делат собите. Инаку, генерално во споредба со минатите години немаме драстично зголемување на случаеви на семејно насилство“, вели Александра Арсовска, директорката на центарот во Куманово.

    По повод одбележувањето на 16 дена активизам против родово базирано насилство, Арсовска, упрати порака до жртвите навремено да го пријават насилството.

    „Пораката е секој којшто има проблеми со физичко и психичко насилство да се обрати до соодветни институции за да може навремено да се реагира, односно да не прерасне насилството од психичко во физичко. Едноставно, да нема посериозни последици врз семејство, бидејќи и децата се инволвирани и тие се жртви на насилство, што и од нив може да создаде нови насилници. Мора да се интервенира и кај насилникот, да се бара причината поради која се одлучува на тој акт. Значи паралелно третирање и на насилникот и на жртвата. Не само да се санкционира, бидејќи тој ќе треба повторно да се врати назад и да се интегрира во системот и треба да биде работоспособен бидејќи има обврски и кон децата“, вели Арсовска.

    Таа додава и дека во моментот ги очекуваат новите мерки коишто се предвидени во новиот закон за заштита на жртвите од насилство кој е во процедура во Владата, а кој предвидува многу поригорозни мерки.

    „Генерално државата работи на создавање на механизми за заштита и постепено се гради тој систем, ние имаме и соработка со Агенцијата за вработување за да се зајакне положбата на жената во општеството, каде им се нуди работа, за жената да може да излезе од домот, но старата поппулација е навистина многу загрижувачка. Со новиот закон кој е во подготовка се предвидува отстранување на насилникот од домот“, додава таа.

    Во Куманово во моментот нема Сигурна куќа каде што би можеле да се  сместат жртвите на семејното насилството, но во Ученичкиот дом „Професор Михајловиќ“ преку проект кој е поддржан од Швајцарска агенција за обнова и развој преку Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Министерството за локална самоуправа, каде на жртвите ќе им се овозможи неколку дневно сместување.

    „Ние во Куманово немаме Сигурна куќа, меѓутоа имаме на ниво на државата и ние ги сместуваме во тие центри, доколку од жената која е изложена на семејно насилство добиеме такво барање, односно изјава. Јавно не објавуваме каде ќе бидат сместени, за да не бидат изложени на насилство од страна на насилникот, но секако дека можеме жртвата да ја сместиме за 24 часа. Секако дека имаме и дежурен телефон, па ако се појават случаи интервенираме веднаш. Ние учествуваме и вопроектот од Швајцарската фондација каде во „Професор Мијалковиќ“ се приспособуваат простории за неколку дневно сместување на жртвите“, посочува таа.

    Што се однесува до помладата популација, од Центарот за социјални работи велат дека тие помалку се плашат да пријават насилство или пак да покренат бракоразводна постапка и по само една или две години заедничко живеење.

    (Ф.Марковска)