Пожарите на депонијата Краста се сомнителни, пријавени се прелетувања на дронови, велат од Општина Куманово
Зачестените пожари на депонијата Краста во Куманово се од сомнителна природа, а на терен интензивно се работи на нивно санирање, одговори Општина Куманово на обвинувањата изнесени на прес-конференцијата на СДСМ.
Од Општината велат дека во изминатиот период биле забележани прелетувања на дронови над локацијата, што отвора сомнеж за можни подметнувања на пожари. За случајот, биле известени СВР Куманово и надлежните истражни органи.
Оттаму информираат дека во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“, Министерството за транспорт и врски и општествено одговорни компании, се спроведуваат активности за порамнување на депонираниот отпад и негово покривање со земја.
Во однос на долгорочното решение, од Општината посочуваат дека проектот за регионално управување со отпад за Североисточниот и Источниот плански регион, кој е под надлежност на Министерството за животна средина, е во тек.
„Во моментот се врши избор на фирма изведувач согласно тендерската постапка која треба да ја гради регионалната фабрика за преработка на отпад за двата региони во Свети Николе и трансфер станицата за отпад на депонијата Краста во Куманово, како и дополнително изведба на систем за гасење на депонијата од подземни гасови, коишто се главната причина за опожарување на оваа депонија во континуитет со децении. Кога и како ќе биде завршен овој проект зависи од ресорното Министерство. Ние како Општина очекуваме дека ќе биде успешно имплементиран со затворање на депонијата Краста до крајот на 2029 година“, стои во сопштението.
Општина Куманово ги отфрла критиките од опозицијата, оценувајќи дека станува збор за политизација и добивање на ефтини политички поени на долгогодишен проблем. Оттаму тврдат дека токму претходните раководства на ЈП „Чистота и зеленило“ ја довеле депонијата во сегашната состојба и го оставиле претпријатието во тешка финансиска положба.
Од Општината порачуваат дека ќе продолжат со активностите за трајно решавање на проблемот со депонијата Краста, што треба да резултира со нејзино затворање и воспоставување современ систем за преработка на комунален отпад согласно еколошките стандарди.