Мени

Познати добитниците на наградите на ФИЛМАЈ 2026 – фестивалот на краток филм во Куманово

29.04.2026 10:48 | KumanovoNews

Фото-кино клуб „Козјак“ од Куманово ги објави имињата на добитниците на наградите за годинашното издание на ФИЛМАЈ 2026 – фестивал на краток филм.

Познати добитниците на наградите на ФИЛМАЈ 2026 – фестивалот на краток филм во Куманово

Наградата за најдобар македонски филм ја доби филмот „Остров“, по сценарио и режија на Бранко Костески. Добитник на наградата „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија е Балинт Кенјерес  за филмот „Претстава“.

Наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра кинематографија му е доделена на Џанлука Палма за филмот „Непријател“, а авторот на „Мршојадци“, Диан Вејс, ја доби наградата „Козјак“ за најдобро сценарио.

Наградата ФИЛМАЈ за најдобар краток филм ја освои „Нилски коњи“, по сценарио и режија на Џ. Џ. Лин.

За наградите одлучуваше жири-комисијата во состав: Елеонора Венинова (сценаристка и режисерка), Ангела Стојановска (актерка) и Георге Тодриа (режисер).

Организаторот посочува дека особен квалитет на наградените остварувања, станува збор и за авторски филмови, каде режијата и сценариото се дело на една иста креативна личност.

Во официјалната селекција се вклучени и три македонски филма: „Избор“ на Марко Црногорски, „Зајак“ на Ханис Багашов, кој е и сценарист и режисер, како и „Мала шега“ во режија на Трифун Ситниковски.

Останатите осум филма во селекцијата се: „Добродојдовте дома“, „Норхајмсунд“, „Пес и волк“, „Агапито“, „Али“, „Којоти“, „Чоколатце“ и „Висок напон“.

Осмото издание на ФИЛМАЈ фестивалот ќе се одржи на 27 и 28 мај  во Занаетчискиот дом во Куманово. Двете фестивалски вечери ќе започнат во 20 часот, а пред публиката ќе бидат прикажани вкупно 16 кратки филмови. Влезот ќе биде бесплатен.