Презентирани психијатрискиот наод и сообраќајното вештачење на судењето на Бобан Илиќ
Со детали од дополнителниот психијатриски наод и сообраќајно-техничкото вештачење, во Основниот суд Куманово, вчера продолжи судскиот процес против Бобан Илиќ, обвинет за убиството на Алмир Алиу(4), пред Здравствениот дом во Куманово.

Вештото лице од Клиниката за невропсихијатрија во Скопје на повторното сведочење го презентираше психијатрскиот наод со дополнение, кој во целост беше потврден од минатото судење и повтори дека Бобан Илиќ делото не го извршил со умисла туку во афект на страв.
„По вторпат сум на истото вештачење и мислам дека изјавите на сведоците се доволен матерјал за изготвување на вештиот наод, кој јасно покажува дека нема елементи на привремени пречки обвинетиот да управува со со своите постапки, но напоменувам дека со моите колеги, момент кој не можевме да го најдеме е умисла, - рече на рочиштетето вештото лице д-р. невропсихијатар Бранислав Стефановски.
Адвокатите на семeјството Алиу не се задоволни од вештачењето и сметаат дека тоа е изработено тенденциозно со цел да му помогне на обвинетиот Бобан Илиќ.
„Едно вешто лице, професионалец не може да кажува дали постоела умисла или не постоела што е клучно за ова кривично дело, бидејќи во обвинението стои дека постоела умисла за убиство на малолетниот Алиу и два обиди за убиство на мајката и таткото.Јас сум длабоко убеден дека судот ќе биде претпазилив во одредувањето на казната, - изјави адвокатот на семејството Алмир Алиспаиќ.
Вчера пред судот беше презентиран и сообраќајно-техничкиот извештај на барање на Обвинителството. Вештото лице рече дека на крстосницата каде се случил инцидентот прегледноста и видливоста била „никаква“, а „мерцедесот“ со кој управувал Бобан се движел со неприлгаодена брзина од 38.9 километри на час. Поради брзината, при свртување во кривината возачот не успејал да го исправи возилото и удрил во ѕидот и во пешаците кои се движеле по улицата. Вештачењето покажало и дека скршената шофершајбна не ја попречила видливоста на возачот, бидејќи стаклото не се распрскало по целата површина. За да покаже пластично како тоа изгледа, вештакот во судница донесе скршена шофершајбна која сакаше да ја докрши со чекан, но судот не му дозволи.
На исказот на вештото лице, реагираше адвокатот на обвинетиот, кој рече дека исказот е нејасен и контрадикторен и го праша дали извршил увид на шофершајбната и „мерцедесот“ кој се наоѓа во дворот на семејството. Вештакот се правдаше дека немал дозвола од Судот за такво нешто, на што адвокатот го праша кој му дозволил да набави друго ветробранско стакло и што за него е поверодостојно.
За разлика од одбраната на обвинетиот, адвокатите на семејството Алиу беа задоволни од вештачењето. Единствено што оспоруваат е правецот на движење на возилото и сметаат дека Бобан не свртел на крстосницата во уличката десно каде што постои рампа како што тврди, туку продолжил право и за 1 минута и 24 секунди направил цел круг по што и се вратил да го прегази Алмир. Поради тоа од судот побараа реконструкција на настанот на движење на возилата, како и испитување на дополнителни сведоци.
Наредното рочиште е закажано во средината на јуни.
Пресметка помеѓу членови на семејствата Илиќ и Алиу се случи на 25 јуни минатата година околу 22.30 часот, кога родителите со Алмир заминале на лекар. Во Здравствениот дом биле Бобан и негова пријателка, при што настанала банална расправија кој прв да влезе во ординацијата.
Кога тргнале дома, на улицата настанала физичка пресметка помеѓу роднини на двете семејства кога Бобан со својот мерцедес удрил во родителите и детето. По една недела Алмир почина на Скопските клиники.
На Бобан му се суди за убиство со умисла, а на таткото на детето Садет Алиу и уште тројца негови роднини за насилство.
Семејството Алиу бара максимална казна за Бобан, додека тој смета дека е жртва во пресметката и не се чувствува виновен.