Презентирано дел од српското културно наследство во Куманово
Српскиот културно информативен центар „Спона“ од Скопје во соработка со Колото на српските сестри од Куманово, синоќа во гостилница „Дома“, одржаа презентација на дел од нематерјалното културното наследство на Србите.

На работилницата беа прикажани славските обичаи, стари занаети - ракотворби, кои се автентични за културата на српските семејства во Македонија.
„Целта е афирмација на српското нематерјано културно наследство, пред се храната и старите занаети во вид на ракотворби. Во краткото предавање го претставиме тоа што го прави посебен и автентичен српскиот локален идентитет. Локалната традиција и култура, во исто време е заедничка за сите Срби, пред се врзано за домашната слава, односно обичаите кои се однесуваат на самиот чин на славата во секое домаќинство. Ова беше мала изложба за традицијата, културата, за се што се врзува за народното предание, религијата, христијанството, православието, во една опуштена атмосфера да покажеме кои сме и што сме и дека сме горди на тоа“, - изјави Милош Стојковиќ, историчар, член на Српскиот културно информативен центар „Спона“ од Скопје.
Гибаница, проја, кајмак, лутеници, колачи, разни слатка, ракија и вино, беа дел од српските специјалитети, кои беа подготвени за гостите, а ги дегустираа посетителите.
Соработниците на проектот Колото на српските сестри, покрај хуманитарната работа се занимаваат и со чување на традицијата на Србите во Куманово и Македонија.
„Ние имавме задача да покажеме она што го изработувале, везеле и плетеле нашите баби и мајки, со разни мотиви, како и традиционалната српска храна. Ги презентиравме старите јадења, а пред се служењето со слатко, стар српски обичај кој сеуште го има во некои домаќинства. Подготвивме проја, гибаница, сукана баница, како и славски колач и жито, и на тој начин ја одбележавме нашата слава Мала Богородица, во прексрасна атмосфера и во фино друштво“, - изјави Живка Христовска, претседателка на Коло на српските сестри во Куманово.
Презентација на нематерјалното културното наследство на Србите ќе се одржи на 15 март во Скопје.