Приведени и казнети возачи на мопеди и мотоцикли во Куманово
Пет лица, меѓу кои и еден малолетник, се приведени, а изречени се вкупно 27 санкции во акциска контрола на мотоцикли и мопеди во Куманово и Скопје.
Во текот на вчерашниот ден, во периодот од 11:00 до 17:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи спроведе засилена контрола на подрачјето на општините Куманово, Илинден, Бутел и Кисела Вода. Контролата беше насочена кон учесници во сообраќајот кои управуваат мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
При контролата биле изречени три санкции за возачи на мотоцикли кои не поседувале соодветна категорија во возачката дозвола, 14 санкции за возачи кои не користеле заштитен шлем, како и пет санкции за други сообраќајни прекршоци.
Пет лица биле лишени од слобода, меѓу кои и еден малолетник, поради сомнение за сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, односно управување пред стекнување право за тоа.
По целосно документирање на случаите, против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни прекршочни и кривични пријави, согласно законските прописи.
Од МВР најавуваат дека акциските контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. Апелираат до сите учесници да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што заеднички ќе се придонесе за побезбедни патишта.