Прво прскање против комарци од земја на повеќе локации во Куманово
На повеќе локации во Куманово утре ќе се прска против комарци, односно ќе се спроведе првиот третман на терестичка дезинсекција против возрасна форма на комарци.
Според известувањето од Општина Куманово, акцијата ќе започне по полноќ, од 00:00 часот, и ќе трае до раните утрински часови.
„Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени повеќе локации низ градот и околината, меѓу кои течението на реката Кумановка, поточно од Кумановска бања, преку Проевце, м.в. Бејтови ниви и по должината на кејот на реката Кумановка. Исто така ќе прска и на површините под Бавчи од другата страна на реката, по должината на булеварот Октомвриска револуција, околу Градскиот парк и ул.Никола Тесла, покрај реката во реонот на ООУ “Толи Зордумис”, во Диво насеље, по текот на реката во с. Романовце, на Градските гробишта, кои се сметаат за едни од најголемите легла на комарци. Дезинсекцијата ќе продолжи и во населбата Зелен рид, потоа по должината на булеварот Трета МУБ и ул.11 Октомври, со посебен акцент на ЈЗУ Општа болница – Куманово, низ централното градско подрачје, по текот на реката Серава, населбата Перо Чичо и други локации низ градот“, наведуваат од Општина Куманово.
Дезинсекција се врши од земја, со возила или апарати поставени на терен, со препаратот „Цитрол УЛВ“.
Од Општината информираат дека доколку временските услови бидат неповолни, дезинсекцијата ќе биде одложена за првиот нареден ден.