Мени

Работниците утре на протест за повисоки плати

13.03.2026 17:25 | KumanovoNews

Сојуз на синдикати на Македонија утре организира протест со барање за повисоки плати на работниците.

Работниците утре на протест за повисоки плати

Протестот ќе започне во 12:05 часот пред зградата на ССМ, по што учесниците ќе се упатат кон Собрание на Република Северна Македонија, потоа пред Стопанска комора на Северна Македонија, а ќе заврши пред Влада на Република Северна Македонија.

„Ве повикуваме да ги поддржите вашите семејства, вашите деца и вашите внуци. Излезете на улица и покажете дека не се плашите и дека барате зголемување на платите“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој оцени дека усогласувањето на минималната плата од 1.667 денари е недоволно во услови кога трошоците за живот постојано растат, особено ако се има предвид дека вредноста на синдикалната минимална кошница за само два месеци е зголемена за 2.000 денари.

Трендафилов посочи дека околу 160.000 работници во земјава, според податоците на Управа за јавни приходи, примаат плата под прагот на сиромаштија, што, како што рече, дополнително ја потврдува потребата од итно зголемување на минималната и на останатите плати.

ССМ бара минималната плата да изнесува 600 евра, како и зголемување од најмалку 6.000 денари на сите останати работнички плати.