Реновирано приземјето на амбулантата „Тоде Мендол“, просторот ќе служи за училишна имунизација
Приземјето на амбулантата во населбата „Тоде Мендол“, која е во состав на Здравствениот дом – Куманово, ќе се користи за потребите на училишната имунизација, откако целосно беше реновирано.
Директорот на Здравствениот дом, Седат Зулбеари, информираше дека, покрај реконструкцијата на објектот, е уреден и паркинг-простор од 300 квадратни метри.
„Реновирани се 250 квадратни метри, а вредноста на проектот изнесува 5 милиони денари. Го реконструиравме и паркинг-просторот со површина од 300 квадратни метри, во вредност од 1 милион денари. Средствата се обезбедени од Фондот за здравствено осигурување“, изјави директорот на Здравствениот дом, Седат Зулбеари.
На пуштањето во употреба на реконструираниот објект присуствуваше и министерот за здравство, Азир Алиу, кој истакна дека ова е значаен чекор во подобрувањето на условите за спроведување на имунизацијата, една од најважните превентивни мерки во здравството.

„Оваа зграда беше во состојба што можеше да се снима хорор-филм, а денес имаме инфраструктура по европски стандарди, каде што младите ќе добиваат здравствена заштита. Достоинството е важно и за вработените и за пациентите. Здравството не треба само да лекува, туку и да превенира“, изјави министерот Алиу.
Директорот Зулбеари најави дека по завршувањето на овој објект ќе се бараат средства од Фондот за здравство, за реконструкција на амбулантата во населбата „Перо Чичо“.