Реонското пазарче на „Октомвриска“ ќе стане цветен пазар
Реонското пазарче на булеварот „Октомвриска револуција“ ќе биде пренаменето во цветен пазар.
Директорот на ЈП „Пазаришта“, Суад Зејнулаху, смета дека со оваа промена градот ќе добие нова содржина, која ќе придонесе и за подобрување на работењето на претпријатието. Во моментов, на реонското пазарче функционираат само 11 тезги, додека трошоците за одржување се високи.
„Ги повикавме сите продавачи на цвеќе да се преселат на реонскиот пазар и тие ја прифатија нашата идеја. Дуќаните што се даваат под закуп на реонскиот пазар ќе бидат наменети за продажба на цвеќе и за декорации за свадби. Очекувам да се зголеми интересот и да ја реализираме оваа иницијатива, со што Куманово ќе стане втор град по Скопје со цветен пазар“, изјави Зејнулаху на последната седница на Советот на Општина Куманово.
Тој додаде дека е предвидено отстранување на оградата на пазарот, со што дуќаните ќе излегуваат директно на улица и ќе бидат подостапни за граѓаните. Локацијата се смета за погодна, пред сè поради обезбедениот паркинг простор.
Тезгите од реонското пазарче ќе бидат префрлени на Зелениот пазар.