Мени

Шарм, моќ и празнина зад темната тријада на маската кај психопатската личност

28.02.2026 11:49 | KumanovoNews

Психопатија: Шарм без совест и ум без емпатија

Шарм, моќ и празнина зад темната тријада на маската кај психопатската личност

Во популарната култура, психопатот често е прикажан како серијски убиец од филм или студен криминален гениј. Но, реалноста е посуптилна, a понекогаш и поопасна.

Психопатијата не е холивудска карикатура, туку комплексен психолошки профил кој може да се сретне во секојдневниот живот: на работното место, во партнерски односи, во соседството. Често е тоа некој од нашите идоли.

Што е психопат?

Психопатијата не е само уште една формална дијагноза во рамките на Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders (DSM-5), каде најблиску соодветствува со Антисоцијалното нарушување на личноста. Сепак, во научната литература психопатијата претставува специфичен кластер на личносни карактеристики:
- Површен шарм и елоквентност
- Недостаток на емпатија
- Отсуство на вина или каење
- Манипулативност
- Импулсивност и потреба за стимулација
- Емоционална плиткост

Еден од највлијателните истражувачи во ова поле, Robert D. Hare, кој се занимавал со форензичка психологија за проценка на психопатски црти, вели дека психопатите често знаат што е морално исправно, но главниот проблем е тоа што не го чувствуваат тоа. Со други зборови психопатот јасно ја разбираат етиката на когнитивно ниво, но не и
емоционално.

Кои се причините за појавата на психопатија?

Психопатијата нема една единствена причина. Современите истражувања укажуваат на комбинација од:

1. Биолошки фактори

Невронаучните студии покажуваат разлики во функционирањето на амигдалата и префронталниот кортекс. Тоа се оние деловиод мозокот поврзани со емоции, страв и морално расудување.

2. Генетска предиспозиција

Постојат докази за наследна компонента, особено во однос на импулсивност и ниска емпатија.

3. Рана траума и занемарување

Иако не секој психопат има трауматично детство, раната злоупотреба, занемарување или нестабилна приврзаност може да придонесат за развој на антисоцијални црти. Важно е да се нагласи дека не секое лице со тешко детство станува психопат, и не секој психопат има историја на злоупотреба. Се работи за сложена интеракција меѓу
биологија и средина.

Како да препознаете психопат?

Психопатот ретко изгледа „опасно“ на прв поглед. Напротив, често е:

- Харизматичен
- Самоуверен
- Интелигентен
- Социјално вешт

Но зад фасадата може да се забележат одредени ,,црвени знамињаʼʼ:

- Константно лажење без очигледна причина
- Недоследност меѓу зборови и дела
- Брзо создавање интензивна блискост („love bombing“)
- Искористување на туѓи слабости
- Недостаток на одговорност – секогаш некој друг е виновен

Особено во интимни односи, психопатот може да користи гаслајтинг, манипулација и емоционална контрола. Жртвата често чувствува конфузија, сомнеж во сопствената перцепција и постепено губење на самодоверба.

Како да се справите со психопат?

Справувањето со психопат бара рационалност, не емоционална реакција.

1. Поставете јасни граници

Психопатите тестираат лимити. Тука доследноста е клучна.

2. Не очекувајте емпатија

Обидот да „го разберете“ или да го промените преку емоции најчесто завршува со разочарување.

3. Ограничете лични информации

Манипулативните личности ги користат интимните детали како алатка за контрола.

4. Документирајте

Во професионален контекст, чувајте писмени траги од комуникација.

5. Побарајте стручна поддршка

Психотерапијата може да помогне да ја вратите реалната перцепција и самодовербата. Во одредени случаи, најздравата стратегија е дистанца – физичка и емоционална.

Митови и реалност

Не сите психопати се криминалци. Истражувањата сугерираат дека одредени психопатски црти како ладна рационалност и ниска анксиозност можат да бидат адаптивни во конкурентни средини. Но клучната разлика е во моралната одговорност и
штетата нанесена на другите.

Психопатијата не е синоним за „лош човек“, туку за сериозен дефицит во емпатиско и морално функционирање. Разбирањето на ова не значи оправдување, токму спротивното во препознавањето на овој дефицит.

Заклучок

Психопатот не секогаш носи маска на чудовиште. Понекогаш носи скап костум, насмевка и совршено темпирани комплименти. Разликата е во тоа што зад шармот нема вистинска емоционална длабочина.

Информираноста е првиот чекор кон заштита.

Зашто најопасните манипулации не се оние што ги гледаме , туку оние што ги чувствуваме предоцна.

 

(Јелена Цветковска, м-р по психолошки науки)