Се рушат оштетените куќи во Тоде Мендол
Утринава започна рушењето на шестнаесет оштетени куќи во населба Тоде Мендол, кои повторно ќе бидат изградени.

Се работи за куќи кои се уништени во вооружените дејствија на 9 и 10 мај, и за кои сопствениците ќе добијат обештетување. Во меѓувреме овие семејства се сместени под кирија на сметка на државата.
“ Генерално сме задоволни од Владата. Моментално средуваме некои работи, чистиме. Ова е за куќи од прва и втора категорија кои беа запалени, што не се за живеење. Од темел ќе се гради куќата“- вели Агрон Ајдини, граѓанин.
И неговите соседи ја поздравуваат брзата реакција на Владата, и се задоволни што набрзо домовите ќе им бидат изградени.
“Се ќе се исчисти овде. Ние сме задоволни од комисијата. Мојата куќа е 60 отсто оштетена, и не може да се живее, нема услови. Имаме деца, внуци и не можеме да живееме во прашина“ - кажа Сулејман Јашари, граѓанин.
На терен во населбата денеска со механизација се работеше на уривање на уништените куќи, по што ќе следи нивна обнова.