×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Fiore

    Сефедин повторно на улица, надлежните институции молчат и си ја префрлаат одговорноста

    03.11.2023 15:38 | Оливера Пешевска

    Болниот и неподвижен Сефедин Куртиши кој пред една недела беше згрижен во кумановската болница, откако повеќе денови лежеше пред својата куќа и низ кумановските сокаци, повторно е на улица.   

    Сефедин повторно на улица, надлежните институции молчат и си ја префрлаат одговорноста

    Иако беше најавено дека  ќе ја добие потребната здравствена заштита и повеќе нема да биде на улица, тешко болниот човек повторно талка низ улиците на Куманово, а решавањето на проблемот со неговото згрижување и помош  мора да почека.

    И покрај нашите обиди, со одговорните здравствени работници и директорот на кумановската болница не успеавме да стапиме во контакт, па немаме потврдени информации дали е отпуштен или своеволно се откажал од болничко лекување.

    Едни тврдат дека самиот побегнал од болницата, а други дека намерно го пуштиле за да се ослободат од неговите кучиња кои го чекале во кругот на болницата.

    Од социјалната служба на Општа болница Куманово, по неговото згрижување и обезбедување на извод од матична книга на родени од Центарот за социјални работи Куманово, успеале да обезбедат и здравствено осигурување со кое може да биде примен, прегледан и третиран во установите. Воедно,  се обратиле и до Црвен Крст Куманово за обезбедување на помош.

    Изјава не добивме ниту од Центарот за социјални работи во Куманово, кои претходно бараа Сефедин прво да биде згрижен во здравствена установа, а откако ќе закрепне и оздрави тогаш тие би можеме да преземат одговорност по службена должност за сместување на бездомно лице.  

     Од Секторот за социјална заштита на Општина Куманово постојано тврдат дека немале можност и ингеренции за реагирање во вакви ситуации. 

    Иако во градот постојат голем број на невладини организации за помош на маргинализираните групи на граѓани досега никој не реагираше да помогне, ниту да го осуди однесувањето на надлежните служби.

    Од Националниот ромски центар велат дека пред неколку години направиле обид да му помогнат, кога му ги обезбедиле потребните документи, а успеале да му извадат и лична карта.

      „Човекот е регистриран зависник, познат на полицијата. Се обидовме да му помогнеме, но очигледно немавме успех. Ветувам дека ќе испратам допис и до Министерството за здравство, до социјалните установи во земјава, полицијата и дека како здружение ќе застанеме зад него најитно да му се пружи првин медицинска помош, а подоцна ќе се обидеме  да добие и  институционално згрижување, зависно од препораките на лекарите“, изјави Ашмет Елезовски од НРЦ.

    Викендов Сефедин сигурно останува на улица и лежи на ладниот бетон, иако синоптичарите најавуваат обилни врнежи, ветер и невреме.

    „Денеска куче згрижија и му нашле топол дом за еден ден, а за човекот не може да се најде решение. Кај нас луѓе ќе умираат по улица, никој ништо не знае, никој ништо не може.  Доколку се работи за некое заразно заболување може да избие и епидемија во Куманово. Само уште тоа ни треба “, револтирано изјави наша сограѓанка.

    И на социјалните мрежи граѓаните апелираат дека состојбата со Сефедин е алармантна, дека тој лежи беспомошно, прегладнет и валкан и дека под итно мора да се реагира.

    Сограѓанка која вчера му купила храна додека бил на автобуската постојка кај Уред, вели дека беспомошниот човек само плаче, целиот извалкан во сопствениот измет оставен е на немислост на институциите пред очите на целата кумановска јавност.