Шелтер-центар, водовод во Пчиња и летно кино добија најмногу гласови на буџетскиот форум
Отворање шелтер-центар за згрижување жртви на семејно насилство, изградба на водоводна мрежа во селото Пчиња и отворање летно кино во Куманово, се трите проекти што добија најмногу гласови од фокус-групите на буџетскиот форум во Куманово.
Овие три проекти, како и уште десетина други, ќе бидат вклучени во развојната програма и ќе се финансираат од буџетот на Општина Куманово во 2027 година.
Секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис - Јаневска, изјави дека сите 72 проекти предложени од граѓаните се сметаат за приоритетни и дека во наредниот период ќе се работи на нивна реализација.
„Проектите што се највисоко рангирани ќе влезат во буџетот за наредната година, а за другите ќе се бараат и други начини за обезбедување средства за финансирање, преку донации и владини и невладини повици. На дел од проектите веќе се работи или се во фаза на подготовка на техничка документација или физибилити-студија“, кажа Сларидис Јаневска.
Како пример ја посочи изградбата на водоводната мрежа во селото Пчиња, за која се бара донатор што ќе ја финансира изработката на физибилити-студијата. Доколку не се најде донатор, Општината ќе ги обезбеди потребните средства од сопствениот буџет, бидејќи проектот е вклучен во буџетската програма.
Проектите што нема да бидат завршени во текот на 2027 година ќе продолжат со реализација и во 2028 година.
Меѓу другите десет проекти што добија најголема поддршка од граѓаните се санација на тоалетите и подовите во сите училишта, поддршка за манифестациите „Есенско пазарче“ и „Меѓународен бизнис саем“, формирање граѓански еколошки патроли, изградба на пат во должина од 400 метри во Шупли Камен, поставување видеонадзор за заштита на урбаната опрема, набавка на нови комунални возила, осветлување на спортските терени, поставување фотоволтаични системи на училиштата и други проекти.
Буџетската рамка за овие проекти ќе биде утврдена при изготвувањето на буџетот до 20 декември.