Серискиот убиец од Драгоманце обвинет за четири убиства и два обиди за убиство
Основното јавно обвинителство Куманово, по завршувањето на истрагата, денеска поднесе обвинителен акт против 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, кој се товари за четири кривични дела убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, како и за две кривични дела обид за убиство од истиот квалификуван облик.
Според Обвинителството, врз основа на вештачењата извршени во текот на истрагата било утврдено дека делата ги извршувал од ниски побуди, односно со намера да ги задоволува своите полови нагони врз мртви женски тела.
„Ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во село Клечовце, со умисла убил повозрасна и немоќна жена. Влегол во нејзината куќа и, додека таа спиела на креветот, физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди, поради кои не можела да дише, жената починала“, соопшти Основното јавно обвинителство Куманово.
Според обвинението, истите намери ги продолжил и во периодот меѓу 5 и 7 јуни минатата година, кога во селото Драгоманце, на сличен начин, со умисла убил уште една жена.
Третиот напад бил извршен на 22 јули минатата година во селото Челопек, каде нападнал жена која успеала да се спаси откако викнала по својот син, по што обвинетиот побегнал.
Во вечерните часови меѓу 17 и 18 јануари годинава, во селото Старо Нагоричане, со умисла ја убил 35-годишната Марија Маринковска од Куманово. Според Обвинителството, иако жртвата била помлада од претходните, обвинетиот знаел дека е сама, а начинот на извршување на убиството бил сличен како кај претходните жртви.
Во селото Челопек, во вечерните часови меѓу 5 и 6 февруари годинава, обвинетиот убил уште една повозрасна и немоќна жена.
„Последниот евидентиран настан е на 9 февруари во селото Челопек, каде со умисла се обидел да лиши од живот уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и побегнал пред да ја реализира намерата“, наведува Обвинителството.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Куманово доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
Бидејќи со умисла убил повеќе лица, согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик, на обвинетиот му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Паралелно се испитуваат и околностите под кои лекарите не констатирале насилна смрт кај дел од жртвите на осомничениот.