×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Сиљановска: Време е за жена претседател

    07.04.2019 08:46 | KumanovoNews

    Иако политиката е во женски род, досега не сме имале жена претседател, не сме имале жена премиер, имаме 4 министерки и 6 градоначалнички, и само 18 проценти од имотот е женски, и ова е вистински предизвик за промена, го започна синоќа своето обраќање пред кумановчани кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ  Гордана Сиљановска Давкова.

    Сиљановска: Време е за жена претседател

    „Досега слушавме низ историјата дека зад секој успешан маж стои жената. Мислам дека е време за промена. Да речеме дека зад секоја успешна жена стои прекрасен маж, кој ја разбира и поддржува. Само тогаш ќе имаме одговорно родителство, извонредни семејни заедници, разбирање ама и политика во која низ женски очи ќе се гледаат политичките процеси, односи и институции, а тие се тогаш посуптилни, бидејќи ние жените поседуваме посебни оружја за решавање на политичките прашања. Ќе се обидам да го потврдам и да го докажам ова, - рече Сиљановска, претставувајќи ја својата програма во Куманово.

     Во својот говор Сиљановска се осврна на употребата на државните симболи знамето, грбот и химната кои ја претставуваат државата, но и уставната должност на политичарите да ги почитуваат.

    „Гордо е да се слуша химната меѓутоа и тажно, зошто знам дека зборовите што асоцираат на Куманово на првата пушка на борбата на македонската нација да се самодокаже како државотворна борејќи се за правдините, веројатно ќе се сведат само на музика“, - рече Сиљановска.

    При тоа посочи дека во меѓународното право јасно стои дека со меѓународен договор не може да се прекрши Уставот на ниту една држава, алудирајќи на Преспанскиот договор.

    „Срамота е во 21 век повторно да се отвора македонското прашање. Во 19 век требало да се затвори. Јас верував дека АСНОМ го затвори, јас верував дека се затвори кога се прогласи самостојна и независна Република Македонија. Има политичари кои шетаат по земјата и велат дека политиката не морала да биде во границите правота ако целта била ЕУ и НАТО. Но повисока цел не се постигнува со ниски средства и инструменти, - додаде Сиљановска.

    Според неа, волјата на граѓаните на 30 септември за референдумското прашање не е испочитувана, додавајќи дека нашите предци не се бореле за Северна Македонија.

    „Одлуките мора да ги носат легалните и легитимни тела. Ние оддамена немаме парламент, ние имеме едно партиско послушно комунистичко собрание. Ова не е навреда на минатото, туку сакам да кажам дека без опозиција без дијалог,  нема демократија, бидејќи тоа претставува расправа без аргументи. Ако 81 човек таму само чека да притисне копче таму, бидејќи предходно е донесена одлуката, тогаш тоа не е парламент“, - додаде Сиљановска- Давкова.

    Според професорката Сиљановска, Преспанскиот договор не е перфектен и совршен, а бидејќи е правно проблематичен му се заканува ништовност и оспорување по правен пат.

    Таа вети дека доколку биде изберена за претседател на државата ќе отвoри простор за поинаква перцепција на политиката, за поинакво практикување на претседателската функција.

     „Мојот кабинет ќе биде на потврдени, докажани личности, не со скриени и непостоечки биографии, личности кои ќе бидат синоним на знаење, за одговорност, за упорност. Можеби е тоа мал кабинет ама мислам дека и малото може да биде убаво, особено ако е домаќинско, скромно, свесно дека поголемото треба да биде за народот, а помалото за политичарите“, - рече Сиљановска- Давкова.

     Таа најави рамномерен регионален развој за целата држава, бидејќи проблемите на граѓаните најлесно се решаваат таму каде што се раѓаат, затоа што не се гледаат проблемите на Куманово подобро од Скопје.

    „Затоа не е доволно да добиете претседателка на државата, туку е потребно да му дадеме шанса на премиерот да си го исполни зборот дека ќе распише парламентарни избори,  - рече кандидатката за претседател. 

    Силјановска побара масовна мобилизација и обединетост на граѓаните за поддршка на 21 април и 5 мај, со цел да се врати правдата и правдината, потенцирајќи дека граѓаните го имаат нејзиниот збор а таа што ветува тоа и ќе го исполни.