Со дипломи за пекари, слаткари и автомеханичари се стекнаа 32 кумановци
Во Центарот за вработување во Куманово, денеска беа доделени дипломи на 32 лица за успешно завршена обука, од областа на пекарството, слаткарството и автомеханичарството.

Обуката траела три месеци, а се организира во соработка со Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и работодавците, како една од владините мерки за намалување на невработеноста.
„Со задоволство можам да истакнат дека на ниво на Куманово имаше голема заинтересираност за учество во оваа обука, а посебно кај млади невработени лица до 29 годиша возраст. Исто така има најави од работодавачите дека дел од лицата кои се стекнаа со овие занаети ќе бидат вработени“, - вели Марија Димитриевска, директорка на Агенцијата за вработување.
Агенцијата за вработување во последниот квартал од 2018 година, спровела анализа на пазарот на трудот, која покажала дека постои голем недостиг од квалификувана работна сила од областа на пекарството, слаткарството и автомеханичарството. За да се надмине овој проблем предвидена е мерка во оперативниот план за активни програми и мерки за 2019 година.
Во Куманово обуката успешно ја завршиле по 12 невработени лица за пекарство и автомеханичарство, а 8 за слаткарство.
„Оваа мерка покажува дека Република Северна Македонија се соочува со голем недостиг од областа на занаетчиството, како поради иселувањето кое се случува во нашата држава, така и поради ниските плати. Моментално, на пазарот на труд, недостасуваат скоро сите занаети, затоа, во тој поглед, сме многу загрижени. Ова е аларм пред тревога, ќе останеме без занаетчии, а без занаети не можеме да постоиме како општество“, - вели Агрон Фазлии, претседател на Занаетчиска комора на Република Северна Македонија.
Тој смета дека државата треба да преземе конкретни мерки, со зголемување на платите или со субвенции на занаетчиите, за да остане овој кадар во нашата држава.
(Ф.Марковска)