Мени

„Сонцата на Кокино“ ќе учествуваат на меѓународен ЛЕГО натпревар во Скопје

24.04.2026 14:24 | KumanovoNews

Ученици од едукативниот центар СТЕМ Роботика Куманово утре ќе учествуваат на меѓународен ЛЕГО натпревар, кој ќе се одржи во „Дајмонд мол“ во Скопје.

„Сонцата на Кокино“ ќе учествуваат на меѓународен ЛЕГО натпревар во Скопје

Група од шест млади инженери за првпат ќе настапи на глобалниот натпревар FIRST LEGO League, кој ги поттикнува децата да развиваат вештини од областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM), преку решавање реални проблеми, истражување и тимска работа.

Тимот што ќе ги брани боите на Куманово го сочинуваат: Алек Краљевски, Ина Пандиловска, Јован Димковски, Кирил Груевски, Петар Деспотовски и Маша Стојановска – млади таленти кои вложиле повеќе од 15 часа во истражување, изработка и тестирање на својата макета и роботско решение.

Овогодишната сезона „Unearthed“ ги насочува учениците кон истражување на минатото со помош на современи технологии. Инспирирани од археолошкиот локалитет Кокино, тимот „Kokino Suns“ („Сонцата на Кокино“) изработи иновативно решение кое ги спојува роботиката и археологијата: ровер што скенира подземни структури и кран што безбедно извлекува артефакти. Целта е заштита и подобро разбирање на културното наследство.

Со децата работат менторите Александар Димовски и Александар Милановски. 

„Kако ментор од СТЕМ Роботика Куманово, имам чест да работам со млади луѓе кои преку не само што учат роботика, туку развиваат критичко размислување, тимска работа и креативно решавање проблеми. Оваа лига има огромно значење затоа што ги поврзува децата со реални предизвици и ги охрабрува да создаваат иновативни решенија. Оваа година, околу 30 тима од Македонија ќе работат на слични теми и проекти, разменувајќи идеи и искуства, што создава силна заедница на млади иноватори. Нашите шест ученици се дел од една многу поголема група деца во СТЕМ Роботика Куманово, кои работат според LEGO стандарди, учат современи вештини и активно се запознаваат со програмирање и технологија. Тие не само што градат роботи, туку ја градат и својата иднина“, изјави Димовски, ментор, СТЕМ Роботика Куманово.

Во СТЕМ Роботика Куманово децата учат преку практична работа, а програмата вклучува роботика, програмирање и иновации, следејќи ги современите LEGO Education стандарди во специјално опремена училница.