Советникот Дервиши одговори на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ
Советникот во Советот на општина Куманово Фериз Дервиши, ги нарече шпекулации и дезинформации, обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека со низа аномалии се планира измена на Деталниот урбанистички план, заради изградба на зграда спроти Ургентниот центар во Куманово.

Советникот тврди дека нема повреда на Законските прописи за донесување на ДУП-от, кој бил изработен врз основа на одобрена иницијатива од Советот на општината, а согласност дале и советници од партијата ВМРО-ДПМНЕ, по барање на приватен инвеститор.
„Во интерес на вистината го давам следниот одговор на поставените прашања и дилеми: 1.Согласно член 22, алинеа 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Сл. Весник на РМ бр.199/14, 44/15, 193/15, 31/16 и 163/16), општината може да биде нарачател на изработка на урбанистички планови и документации само доколку истите се утврдени во програмите за финансирање на изработката на урбанистички планови и документации. Наспроти ова, предметниот ДУП е изработен врз основа на одобрена Иницијатива од Советот на општината, каде согласност дале и советници од партијата ВМРО-ДПМНЕ, по барање на приватен инвеститор и соодветно на тоа општината не доделила никому ништо. Напротив, изборот на планерот е направен од самиот инвеститор врз основа на квалитетите кои во минатото ги покажале планерите од именуваната фирма.
2.Секторот за инспекциски надзор нема ингеренции во процесот на изработка и донесување на урбанистички планови и соодветно на тоа не може да дава гаранции за понатамошната реализација на планот. Надлежен сектор за спроведување на постапката е секторот за урбанизам, кој преку одржување на јавни презентации и анкети, максимално транспарентно, согласно Законот за Просторно и урбанистичко планирање, го води овој предмет, како и сите останати.
3. Сите измени кои се содржани во Деталниот урбанистички план за дел од У.Е. 11-ти Ноември, дел од УБ 67, се во согласност со ГУП на град Куманово, важечкиот ДУП за предметниот плански опфат, Законот за Просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Дополнително, истите се базирани на член 46, алинеа 5 од ППУП, односно почитување на стечените права од предходните планови. Соодветно на тоа, потполна невистина и дезинформација е изоставање на некакви сообраќајници, пристапни патеки, паркинзи и сл. За предметниот ДУП, организирани се неколку јавни презентации и анкети, на кои сите заинтересирани граѓани биле поканети да дадат свои забелешки, од кои дел веќе се вградени во планските решенија.
4.Констатирам дека на вчерашниот прес на ВМРО-ДПМНЕ се изнесени низа шпекулации и дезинформации, од луѓе кои очигледно не се доволно запознаени со текот и процедурата за донесување на ДУП, па затоа ги отврлувам сите обвинувања кои се неточни и неаргументирани и тврдам дека нема ни најмала повреда на Законските прописи за донесување на ДУП, - стои во демантот на советникот Дервиши.