Советот ги комплетираше управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, опозицијата обвини за партизација
Советот на Општина Куманово денеска ги комплетираше управните и надзорните одбори во јавните претпријатија.
Со поддршка на мнозинствотот беа избрани 10 членови во управувачките тела на ЈП „Водовод“, ЈП „Чистота и зеленило“, ЈП „Пазаришта“, ЈП „Куманово-паркинг“, ЈП „Куманово-гас“ и ЈП „Куманово-план“.
За член на Надзорниот одбор на ЈП „Водовод“ е избран Арбен Етеми, економист.
За членови на Управниот одбор на ЈП „Чистота и зеленило“ се избрани Арбен Зендели, економист, Ивана Марковска, правник, и Драган Додиќ, пензионер и дипломиран земјоделски инженер.
Во ЈП „Пазаришта“ за нови членови на Управниот одбор се избрани Дарко Ѓорѓевиќ, економист, и Иљир Љатифи, дипломиран на Факултетот за музичка уметност.
Во ЈП „Куманово-паркинг“ за член на Управниот одбор е избрана Анкица Стојановиќ, економист, а за членови на Надзорниот одбор Сељвер Мурати, градежен инженер, и Лора Тодоровиќ, правник.
Во ЈП „Куманово-гас“ за членка на Управниот одбор е избрана Миљана Глигоровска-Цветковска, адвокатка, а за членка на Надзорниот одбор Катарина Цветковска-Спасиќ, економистка.
Во ЈП „Куманово-план“ за член на Надзорниот одбор е избран Артан Алиу, архитект.
Советникот на ДУИ, Хузеир Мустафи, рече дека по четири распишани огласи и седум месеци конечно се избрани членови на управните и надзорните одбори, што значи дека партиите од власта успеале да се договорат и на позициите да постават партиски кадри.
„Искрено мислам дека овој ден треба да се прогласи за празник. Според еден поет, не знам дали треба да плачеме или да честитаме. До каде ја доведовте Општината кога не можете да најдете 10 лица кои сакаат да работат за претпријатијата“, рече Мустафи, по што претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, му го исклучи микрофонот со образложение дека не се држи до темата, туку зборува за поезија.
Таа рече дека секој граѓанин имал можност да се пријави на огласот, како и дека и советникот можел да предложи кандидати, бидејќи сега се работело транспарентно, за разлика од претходната власт.
Тоа ги налути советниците од опозицијата, кои ја прашаа на кој период мисли – кога таа била членка на СДСМ или на претходниот мандат, кога членовите на одборите се избирале на ист начин.
Мустафи потоа наведе примери, тврдејќи дека дел од избраните членови се партиски кадри, посочувајќи син на директор на училиште и кларинетист во јавно претпријатие.
Советникот Томица Илиќ од СДСМ, потсети дека распишувањето јавен оглас не е израз на добра волја или зголемен демократски капацитет на Општина Куманово, туку законска обврска, па затоа актуелната власт не треба тоа да го претставува како свој успех.
Тој ја праша претседателката дали меѓу предложените членови на Надзорниот одбор на ЈП „Чистота и зеленило“ има роднински врски со членови на советничката група на ЗНАМ, на што Ѓорѓиевска одговори негативно, и побара да се пријави ако има такви. Никој од присутните советници не потврди, ниту одрече. Подоцна советничката Моника Марковска, се изјасни дека нема да гласа за втората точка, затоа што има судир на интереси, поради тоа што еден од пријавените кандидати е нејзино блиско лице.
Илиќ предложи да се работи на намалување на бројот на членови во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, бидејќи седумчлените состави претставуваат голем финансиски товар за претпријатијата. Предлогот доби поддршка од претседателката на Советот, која најави дека ќе иницира ваква измена преку ЗЕЛС.
Дел од членовите на управните и надзорните одбори беа избрани во мај, а со денешните именувања составите се комплетирани, со што јавните претпријатија ќе можат непречено да продолжат со своето работење