Мени

Спречен увоз на небезбедно месо од Парагвај и ореви од Казахстан, соопшти АХВ

22.03.2026 09:55 | KumanovoNews

Ветеринарите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) забранија увоз на 27 тони говедско мелено месо од Парагвај и на 22 тони ореви по потекло од Казахстан.

Спречен увоз на небезбедно месо од Парагвај и ореви од Казахстан, соопшти АХВ

Увозот на месото бил спречен на граничниот премин Ќафасан, а одлуката за забрана е донесена по направената проверка дека месото потекнува од објект кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, со што не биле исполнети основните безбедносни стандарди за увоз, односно постојат сомнежи за здравствена исправност на месото, што претставува ризик за потрошувачите.

Увозот на 22 тони ореви по потекло од Казахстан бил забранет поради несоодветно означување и отстапки во пропишаните критериуми за квалитет и безбедност на храна.

„Контролите на увозот на храна од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна ќе продолжат со засилено темпо, со цел да се спречи внесување на небезбедни производи. Апелираме до увозниците строго да ги почитуваат законските регулативи и стандардите бидејќи здравјето на граѓаните останува врвен приоритет за институцијата“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.