„Срце за 63 светлини“ – вечерва ѕвездено небо на плоштадот во Куманово
Во знак на сеќавање на кумановецот Филип Стевановски и во чест на сите прерано згаснати животи во пожарот во Кочани, вечерва од 20 часот на Градскиот плоштад во Куманово ќе се одржи помен „Срце за 63 светлини“.
„Ѕвезденото небо ќе биде посветено на 63-те ангели, а ќе биде испратена порака на поддршка, сочувство и солидарност до до семејствата на жртвите“, информираат од Фондацијата за култура и спорт Куманово и Општината, кои се организатори на настанот.
Во пожарот во дискотеката во Кочани меѓу загинатите е и музичарот Филип Стевановски од Куманово, член на групата „ДНК“, на чиј концерт се случи трагедијата.
Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, и директор на Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Тој беше и уметнички директор на Џез фестивалот во Куманово.
Своето музичко образование Стевановски, како пијанист и тромбонист го стекнал во Македонија, а неколку години се доусовршувал и во САД. Завршил два факултета, џез и класична музика и беше магистер по џез студии.