ССМ ги повика работниците масовно да излезат на протест на 1 Мај
Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) и годинава ќе организира протест на 1 Мај, Меѓународен ден на трудот.
Протестот ќе почне во 11 часот пред ССМ, ќе продолжи пред Собранието, потоа кај Стопанската комора и ќе заврши пред Владата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика работниците масовно да излезат на протестот на кој, како што рече, ќе ги истакнат барањата за зголемувањето на минималната плата и подобри работни услови.
„Повеќе од 260.000 работници во Македонија, според податоци на Управата за јавни приходи, живеат со примања под 600 евра односно толку колку што работниците бараат да изнесува минималната плата во Македонија. Тоа е 50 проценти од работната сила во Македонија која прима плата под 600 евра. Овие работници да не не среќаваат на улица и да ни се жалат, да не ни праќаат пораки и да ни се жалат, туку да застанат со нас рамо до рамо и да покажат дека се незадоволни од висината на нивната плата“, рече Трендафилов.
Со усогласувањето на минималната плата за 1.667 денари во месец март годинава, посочи тој, и зголемувањето на вредноста на синдикалната минимална кошница за 3.304 денари од почетокот на годината покажува дека на едно семејство доколку двајцата работници се на минималец им недостигаат средства за основните прехранбени трошоци за живот.