Мени

Тројца кандидати во трка за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Куманово

07.04.2026 12:45 | Сузана Николиќ

Тројца кандидати влегле во најтесен круг за избор на нов претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово.

Тројца кандидати во трка за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Куманово

Вкупно се пријавиле девет кандидати на јавниот повик. Сите биле повикани на интервју, а само тројца ќе ја поминат првата селекција на комисијата и ќе продолжат на интервју кај претседателот Христијан Мицкоски.

„Тројца кандидати ќе одат на интервју кај претседателот. Кој и да биде избран, нема да се направи промашување, бидејќи сите се долгогодишни, лојални и квалитетни членови кои ја носат вмровската идеја во душата. Јас ќе бидам најсилната поддршка во работата на новото раководство“, изјави претседателот, Бобан Николовски.

Неофицијално, најсериозни кандидати се: Владимир Михајловски, координатор на советничката група, Сашо Стошевски, директор на Кумановската болница и Филип Филиповски, директор на ЈП „Водостопанство“.

Актуелниот претседател Николовски нема право на уште еден мандат, бидејќи е избран во Извршниот комитет на партијата. Тој смета дека со неговиот избор во највисокото партиско тело на централно ниво, Општинскиот комитет ќе добие поголема сила и значај. „По толку години добивме место во централното тело, што е и мотив и обврска за посилна и посветена работа“, додава Николовски.