Срушена куќата и спомен-плочата на Киро Фетак заштитени со закон – кривична пријава за две лица
Куќа – заштитен објект на културно наследство, на која била поставена спомен-плоча на народниот херој Киро Нацев Фетак, е урната. Новиот објект е изграден без одобрение и на државно земјиште.
Кумановската полиција поднесе кривична пријава против две лица од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела: „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство и природни реткости“, „бесправно градење“, „узурпација на недвижности“ и „несовесно работење во службата“.
Според МВР, првопријавениот во 2023 година ја урнал и уништил куќата – заштитен објект на културно наследство, на која била поставена спомен-плоча на народниот херој Киро Нацев Фетак. Објектот, согласно член 20 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, е заведен во регистарот на спомен-обележја како заштитено културно наследство и е дел од програмата за одбележување на значајни настани и личности во Општина Куманово.
„На истата локација, првопријавениот, во својство на инвеститор, извршил градежни работи и изградил објект од втора категорија без претходно одобрение за градење издадено од Секторот за урбанизам при Општина Куманово, со што постапил спротивно на член 59 од Законот за градење. Објектот бил изграден на земјиште во државна сопственост.
Второпријавената, како овластен градежен инспектор, несовесно постапила во вршењето на своите должности и овластувања, донесувајќи решение врз основа на нецелосно и неточно утврдена фактичка состојба, која била должна да ја утврди согласно член 9 од Законот за инспекциски надзор, во врска со член 2-а од Законот за градење, соопшти МВР.