Утре намален дотур на вода поради санација на системот
Во Куманово утре ќе биде намален дотокот на вода, бидејќи ќе биде исклучен дел од главниот цевковод поради тековни активности на АД Водостопанство – Кумановско-Липковско Поле, во пресрет на сезоната за наводнување.
Од ЈП „Водовод“ апелираат до граѓаните рационално да ја користат водата, со цел да не дојде до проблеми со водоснабдувањето, особено во повисоките делови на градот.
„Од АД Водостопанство – Кумановско-Липковско Поле добивме известување дека на 29 април (среда) ќе биде затворен бај-пасот, односно четвртaта гранка, поради санација на дефекти и изведба на тековни активности за отпочнување на сезоната за наводнување. Поради тоа, до Филтер-станицата значително ќе се намалат количините вода што се преработуваат и се пуштаат во водоснабдителниот систем на Куманово. Можно е во повисоките делови од градот да има времен прекин во водоснабдувањето, додека во останатите делови ќе се почувствува намален притисок во водоводната мрежа. ЈП „Водовод“ Куманово ги стави во функција сите капацитети со цел да не се почувствува намалениот доток на вода. Ги молиме граѓаните за разбирање, бидејќи со овие неопходни интервенции ќе се зголеми сигурноста на водоснабдувањето на населението во Општина Куманово. Апелираме и за рационална потрошувачка на вода“, стои во соопштението од ЈП „Водовод“.