ВАШИ ПИСМА: Што плаќаат учениците во „Магдалена Антова„ ?
Во името на родителите на учениците од ООУ „Магдалена Антова„ во н. Карпош, Куманово, Ве информираме, а преку Вас сакаме да ја информираме и јавноста и надлежните органи дека управата на училиштето предводена од директорот, како секоја година до сега така и оваа побара од сите родители да платат сума од 100 денари за некакви трошоци за санирање на штети направени во училиштето.

До сега со години наназад во училиштето не е сменето ништо од ентериерот, а секоја година се даваат пари. Покрај сите давачки што ги имаме поврзани со училиштето сега директорот паушално ни наметнува уште една такса.
Се прашуваме:
Врз основа на што се одредува оваа такса и дали родителите чии деца немаат сторено никаква штета се обврзани да плаќаат?
Дали градоначалникот е запознаен со овој случај?
Ние како родители имаме право да знаеме за што плаќаме и како се трошат тие пари?
До сега немаме добиено никаква потврда дека сме платиле, нити имаме некогаш добиено отчет како се потрошени тие пари?
Бараме од надлежните да го испитат овој случај со цел да се утврдат сите детали и конечно да се стави крај на сите злоупотреби на учениците и нивните родители од страна на раководството на ООУ „Магдалена Антова“.
Авторот познат на редакцијата