Мени

Владата прогласи кризна состојба во целата држава поради опасност од пожари

01.08.2026 08:29 | KumanovoNews

Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на Македонија, поради зголемените ризици и опасности од пожари на отворен простор и шумски пожари.

Владата прогласи кризна состојба во целата држава поради опасност од пожари

Кризната состојба ќе трае 30 дена, почнувајќи од 1 август 2026 година.
 
Според Владата, одлуката е донесена заради навремено, координирано и ефикасно справување со состојбата на терен, како и максимално мобилизирање на сите расположливи институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси.

„Во рамките на донесената одлука се предвидува активирање на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање и во рок од 24 часа ќе изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции“, стои во соопштението.

Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно со прописите за управување со кризи и во целост да ги стават на располагање своите капацитети, со цел навремена и ефикасна реакција на терен.