Во Куманово има 15.000 празни станови, Општината годишно губи 1,3 милиони евра, младите не треба да чекаат нови згради, велат од ДОМ
Младите брачни парови не треба да чекаат со години да се изградат нови згради за да дојдат до свој прв дом, тие станови веќе постојат и стојат празни. Според партијата, само во Куманово има 15.000 празни станови.
„Од околу 15.000 ненаселени станбени единици регистрирани од ДЗС, каде што целиот приход од данокот на имот 100% останува во локалната каса, Општина Куманово секоја година губи 1,30 милиони евра или близу 80 милиони денари“, велат од ДОМ.
Оттаму додаваат дека од вкупно 60.518 попишани празни станови во главниот град, при реален опфат на шпекулативните и непродадените станови, вкупната годишна загуба изнесува 8,94 милиони евра, од кои половина (4,47 милиони евра) се директен губиток за централниот буџет на Град Скопје, а другата половина (4,47 милиони евра) им припаѓа на десетте скопски општини.
Од партијата, сметаат дека не се потребни ниту дополнителна бетонизација на градовите, ниту нови и нејасни законски решенија. Потребна е само примена на постојниот Закон за даноците на имот, со што само во Скопје и Куманово ќе се соберат 10,24 милиони евра годишно, средства со кои над 1.200 млади брачни парови секоја година можат да купат сопствен стан.
За стекнување на првиот дом и за природно соборување на цените на пазарот, предлагаат пет мерки:
„Неповратни грантови за учество при купување прв постоен стан, директна финансиска помош од 6.000 до 10.000 евра исплатена преку комерцијалните банки за покривање на задолжителното учество при купување веќе изграден стан, субвенционирање на каматата за станбен кредит, зелени ваучери за реновирање постари празни станови и ослободување од данок на промет, даночно ослободување при издавање под регулирана кирија и соборување на вештачките продажни цени на квадратот“, велат од ДОМ.
Првите домови на младите брачни парови не треба да се цртаат во нови урбанистички планови и да чекаат бетонизација — тие веќе стојат изградени. ДОМ ги повикува градоначалниците веднаш да го применат јасниот и постоен закон, да ги оданочат празните станови и овие над 10 милиони евра годишно да ги вложат во иднината на младите семејства.