Во Куманово одбележан Денот на Ромите
Ромската заедница во Куманово денеска го одбележа Светскиот ден на Ромите - 8 Април. По тој повод во Занаетчискиот дом се одржа свеченост на која присуствуваа преставници од јавниот и културниот живот во градот.

Во името на ромската заедница се обрати советникот Самет Салиевски, кој истакна дека денеска Ромите се интегрален дел од македонското општество, рамноправни граѓани кои ги уживаат своите права, го негуваат својот јазик и ја шират својата култура и традиција.
„Денеска има Роми професори, адвокати, политичари кои што учествуваат во креирањето на политиките, работат на решавање на нивните проблеми и активно партиципираат преку своите партии и политичкиот живот. Сепак да не заборавиме дека тие сепак се соочуваат со стереотипи, предрасуди, дискриминаторско однесување, - рече во своето обраќање Салиевски.
Тој нагласи дека Ромите имаат потешкотии во своето образование, домување, вработување, социјална и економска општествена еднаквост, но поддршката од локалната самоуправа дава надеж дека овие проблеми ќе се надминат.
На свеченоста присуствуваа и се обратија и градоначалникот Максим Димитриевски и претседателот на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска.
Ромите единствено во Република Македонија се признаени како народ, а во Советот на Општина Куманово го говорат ромскиот јазик како официјален.
Во Куманово според последниот попис регистрирани се околу 4.000 Роми или 5 отсто од вкупното население, а на ниво на државата се 53.000 Роми или 2,66 отсто.