Во Куманово одбележана Неделата на НАТО
Граѓаните на Куманово, денеска имаа можност да присуствуваат на завршната манифестација Недела на НАТО, и да видат дел од военото наоружување и опремата на Армијата.

Пред присутните се обрати командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал- мајор Павле Арсоски.
„Во годината кога Северно-атлантската алијанса го прославува овој важен јубилеј, нашата држава после речиси тридецениски напори, конечно е во еден активен процес на интеграција во НАТО како нејзина триесетта членка. Во изминатиот период многу нешта се кажани за НАТО и за нашето зачленување во НАТО, многу работи се пишуваат и објавуваат секој ден, дел од нив како поддршка за овој процес, а дел и како критика. Сепак, има потреба да се истакне дека нашата најважна, национална, стратешка определба, дефинирана со одлуката на Собранието уште во далечната 1992 година е пред оставрување и тоа е факт“,- рече командантот на ЗОК.
На мaнифестацијата присуствуваше министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која истакна дека членството во НАТО е важно за нашата држава не само на безбедносен план туку и на економски план.
„Неодамна беше потврдено дека после долги години понизок кредитен рејтинг успеавме како држава да го подобриме кредитниот рејтинг, што значи дека и државата и фирмите и граѓаните ќе можат да добиваат средства по поволни услови. Дополнително порастот на извоз, порастот на странските директни инвестиции и особено падот на невработеноста покажа дека кога државата прави вистински чекори на политички план, тоа веднаш носи и позитивни економски резултати“, - рече министерката.
Насобраните граѓани од Куманово како и припадниците на Армијата имаа можност да видат дел од воената опрема и капацитетите со кои располага Армијата. Беа прикажани и некои од вештините кои ги учат војниците, сето тоа придружувано со настап на воениот оркестар и гардата.