Мени

Сите инвеститори имаат ист третман, никогаш не се работело селективно, велат од Општината по обвинувањата на Левица

26.05.2026 13:02 | KumanovoNews

Во Куманово сите граѓани имаат еднакви права и можности согласно закон и никогаш не се работело, ниту ќе се работи селективно, стои во реакцијата на Општина Куманово на обвинувањата од Левица дека една третина од доделените одобренија за изградба на фотоволтаични централи се на фирмата на кумот на градоначалникот Максим Димитриевски.

Сите инвеститори имаат ист третман, никогаш не се работело селективно, велат од Општината по обвинувањата на Левица

„Постои голем број барања и интерес од потенцијални инвеститори за имплементација на енергетски проекти – изградба на фотоволтаици, системи за складирање енергија со батерии и друго.

Од 2023 година до денес, до Општината се доставени голем број барања за изградба на фотонапонски панели поставени на земјиште и за сите кои ги исполниле законските услови е издадено одобрение за градење. Во моментов, во системот Е-градежни дозволи има три активни предмети.

Секој инвеститор уредно плаќа надомест за уредување на земјиштето, што претставува сериозен финансиски прилив во буџетот на Општина Куманово, а согласно закон поднесува и барање за евиденција во годишниот енергетски план на Општината, кој потоа со одлука на Владата се потврдува во Стратегијата за развој на енергетиката на РСМ, како основен стратешки документ од национално значење.

Секоја компанија и инвеститор, без разлика на сопственичката структура, неселективно и по нивно барање се евидентира во годишниот енергетски план од страна на Општината, а истиот согласно закон се усвојува од Советот на Општината.

Нема да коментираме шпекулации и наводни тврдења за блискост со поединци и инвеститори. За нас, секое физичко и правно лице кое постапува согласно закон во која било постапка што се води во Општината има ист третман и еднакви права и можности согласно Уставот и законите, и така ќе продолжиме да работиме и во иднина“, стои во соопштението од Општина Куманово.