Мени

Во Куманово наврнаа 32 литри дожд на метар квадратен

02.07.2026 14:34 | KumanovoNews

Во Куманово, за време на вчерашното невреме, наврнаа 32 литри дожд на метар квадратен, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во Куманово наврнаа 32 литри дожд на метар квадратен

Најголема количина врнежи во изминатите 24 часа е измерена во Скопје, каде на мерното место во Црешево наврнале 74 литри на метар квадратен, по што следуваат Лисиче со 63, Гази Баба со 44, Куманово со 32 и Крива Паланка со 29 литри на метар квадратен. Најмалку дожд се измерени во Виница, Маврови Анови и Ѓуриште – по 3 литри на метар квадратен.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), поројниот дожд предизвика поплавување на подрумски простории на улиците „Моша Пијаде“, „Октомвриска револуција“, „Бајрам Шабани“, „Трета МУБ“ и „11 Октомври“.

Вода навлегла и во објекти на улицата „Веселин Маслеша“, како и во деловен објект на улицата „Гоце Делчев“. Поплавување било пријавено и на улицата „ЈНА“, во близина на ЛП Плаза, а до надлежните служби пристигнале пријави и од други локации низ градот.

Екипи на Општина Куманово, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово и јавните комунални претпријатија интервенираа на терен, испумпувајќи ја водата и санирајќи ги последиците од невремето.

Според прогнозата на УХМР, и денеска попладне се очекува променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има услови за краткотрајно невреме проследено со пообилен пороен дожд и појава на град.