Мени

За 13.071 ученици во Куманово заврши учебната година, почнува летниот распуст

10.06.2026 14:05 | Сузана Николиќ

Денеска завршува учебната 2025/2026 година за основците и средношколците во Македонија. Од утре започнува летниот распуст, кој ќе трае до 31 август.

За 13.071 ученици во Куманово заврши учебната година,  почнува летниот распуст

„Во Куманово наставата заврши за 9.346 ученици од прво до деветто одделение во основните училишта и за 3.725 ученици од прва до трета година во средните училишта. Вкупно, учебната година ја завршуваат 13.071 ученик, а во оваа бројка се вклучени и матурантите кои наставата ја завршија порано“, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование при Општина Куманово.

Тој ја оцени учебната година како успешна, истакнувајќи дека биле реализирани голем број проекти и обуки за учениците и наставниците. Во текот на годината биле реконструирани повеќе училишта и спортски сали, со што се подобриле просторните услови и квалитетот на наставата. Во Куманово функционираат 16 основни и четири средни училишта.

„Сведоци сме на бројни признанија и награди што ги освоија учениците на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари. Имаме и ученик кој ќе ја претставува државата на Олимпијадата по физика во Колумбија. Повеќе наставници напредуваа во својата кариера. Задоволен сум од постигнатите резултати и им честитам на сите ученици и нивните ментори за посветеноста и успехот“, изјави Јовановиќ, и им посака на учениците весел летен распуст.

Тој најави дека на 17 јуни во Занаетчискиот дом во Куманово ќе бидат промовирани учениците на генерацијата на свечен настан организиран во нивна чест.