Мени

За 6 години пријавени 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца

29.04.2026 20:09 | KumanovoNews

За шест години во Македонија се регистрирани 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца, од кои најмалото е на 3-годишна возраст, се вели во извештајот на Народниот правобранител, кој е реализиран како дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

За 6 години пријавени 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца

Aнализата го опфаќа периодот 2020-2025 година и се темели на податоци обезбедени од Министерството за внатрешни работи (МВР), Центрите за социјална работа, судовите, обвинителствата, здравствените установи, граѓански организации, како и податоци добиени од Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство.

Во периодот 2020-2024 година евидентирани се 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца, од кои 455 девојчиња се јавуваат како жртви и 53 момчиња жртви. ​Најголем дел од случаите се однесуваат на тешки кривични дела како: силување на дете под 15 години – 186 случаи. За полов напад и силување регистрирани се 99 случаи, а за вонбрачен живот со дете 96 случаи.

​Во текот на 2025, во земјава се евидентирани нови 96 деца жртви на кривично дело против половата слобода и половиот морал, од кои 88 девојчиња и 8 момчиња. Повторно, најчесто како регистрирано кривично дело е силување на дете под 15 години со 48 жртви. ​Иако сексуалната злоупотреба на децата главно ги засега девојчињата, податоците потврдуваат дека и момчињата се жртви, при што е можно реалниот број на машки жртви да е поголем со оглед на потешкотиите за пријавување поради срам, стигма и социјалните норми.