За шест часа изречени 70 казни на возачи на тротинети и мотоцикли во Куманово
Во Куманово вчера беше спроведена сообраќајна контрола на возачи на електрични тротинети, скутери и мотоцикли, при што беа изречени 70 санкции.
Акцијата се реализирала во периодот од 14 до 20 часот од страна на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи и Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување, со цел санкционирање на возачи на електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
„При контролата се изречени вкупно 70 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела. Од нив, девет мерки се однесуваат на возачи на електрични тротинети, две за мотоцикли со истечена важност на сообраќајната дозвола, 39 за возачи кои управувале мотоцикл без заштитна кацига, една мерка за управување моторно возило под дејство на алкохол, една за истечена полиса за осигурување, три мерки за управување со несоодветна категорија, три за неносење или непродолжена возачка дозвола и осум мерки за неистакната регистарска таблица“, соопшти МВР.

При акциската контрола бил одземен еден мотоцикл поради нерегистрирање подолго од шест месеци. Откриени се и четири кривични дела, од кои три се однесуваат на малолетни лица кои управувале мотоцикл, додека едно лице е лишено од слобода поради сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „Безобѕирно управување со моторно возило“. Притоа биле одземени три мотоцикли и еден четирицикл.
За сите сторители се изготвени соодветни поднесоци, а сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Само со одговорно однесување можеме заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.