Започна чистење на ѓубрето од Кумановка
Акцијаши и волонтери од земјава и странство ќе ги чистат реките Липковка, Коњарка и Кумановка, од натрпаниот смет кои го фрлаат несовесните граѓани.

Големата еколошка акцијата „Зелено Куманово“ што ја организира Здружението за доброволна волонтерска работа “Кумановски акцијаши“, со финансиска подршка од Цивика Мобилитас, а во соработка со Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“, започна денеска на Градскиот кеј, а ќе продолжи секој викенд до 30 септември годинава.
„Проектот предвидува чистење на крајбрежјата на реките во ширина од 2-3 метри, пред се сечење и отстранување на зараснатите дрвја и грмушки во коритата, чистење и изнесување на сметот од вливот во населбата Бедиње до излезот кај Кумановска бања. Во акциите ќе учествуваат млади волонтери од Куманово, а подоцна ќе ни се вклучат и волонтери од Скопје, Охрид, од Србија: Белград, Кикинда, Бела Црква, Смедерево, Ниш, Краљево и Бреза од Босна и Херцеговина,- изјави Јусуф Љатифи, претседател на Кумановски акцијаши.
Во рамки на проектот предвидена e обнова на клупите во Стариот градски парк кај Автобуската станица и на Градскиот кеј.
Локалната самоуправа обезбеди технички средства за акцијата, пред се чизми, лопати, вили, а во преговори е со градежна фирма за обезбедување на механизација за чистење на коритото.
„Ова е најдобар пример како невладините организации се грижат за градот и зелените површини и почисто Куманово. Ја користам оваа прилика уште еднаш да апелирам до совеста на граѓаните, бидејќи колку ние да чистиме ако не се престане со фрлање на отпад во речното корито, може да дојде до појава на заразни болест, -изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.
Еколошката акции ја подржаа и вработените во ЈП „Чистота и зеленило“, кои повикаа сите заедно да се грижиме за животната средина во градот.
„Хигиената во градот не е доволно да ја одржува само јавното претпријатие и комуналната инспекција, туку грижата треба да биде на сите граѓани, - изјави директорот Сашо Петрушевски.
Минатата акција од речното корито биле изнесени 120 камиони смет.
Жителите на Куманово признаваат дека реките се наоѓаат во катастрофална состојба поради неодговорноста на луѓето и велат дека само со големи казни ќе се сменат навиките сметот да се фрла таму каде што му е место, а не во реките.