Заврши Меѓународната ликовна колонија „Куманово“
Во меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце синоќа беше затворена 43. Меѓународна ликовна колонија „Куманово“.

Инспирирани од прекрасната природа и богатото културното наследство во кумановско, 19 уметници од Македонија, Франција, Турција, Романија и Србија, во изминатите 7 дена изработија четириесетина дела, претежно слики масло на платно и скулптури.
„Овогодинешната продукција е во рамките на нашите очекувања.Како една од поетаблираните колонии во Македонија се издвојуваме по тоа што имаме исклучителна селективност при изборот на уметници. Се работи за изградени автори со богати биографии. Тие работеа во насока на нивните препознатливи ликовни иконографии“, - изјави Драгана Спасовска, кустос во Кумановскиот музеј.
Колонијата ја прогласи за затворена секретарот на општината Валентина Алексовска, а на уметниците и на присутните им се обрати и директорот на Кумановскиот музеј Богдан Таневски.
Новосоздадените дела синоќа беа изложени пред постителите, а пошироката јавност ќе ги види по повод Денот на градот 11 Ноември.
Меѓународната ликовна колонија Куманово последните 12 години се одржува во меморијалниот центар АСНОМ, откако поради политичките случувања на овие простори се селеше на неколку локации. Започна во манастирот Прохор Пчинкси, па во манастирот Мала Богородица во Матејче и во Куманово.
Колонијата се организира во соработка на општина Куманово и Кумановскиот музеј.