05. 07. 2010 16:37

Легендарните Буби на дефиле низ градот

Легендарните Буби на дефиле низ градот

Низ центарот на Куманово вчера продефилираа триесетина олд-тајмери  буба Фолсваген што пристигнаа од повеќе градови од Македонија. Организатор на дефилето е  Клубот на љубителите на бубата кои прво ги презентираа на Кејот на Кумановка, а потоа ги прикажаа легендарните возила пред граѓаните.

 Нашата намера е во клубот да ги собереме сопствениците на бубите и да направиме напори да ја сочуваме легендата. Во Куманово има доста почитувачи на олд-тајмерот, денеска се присутни преку 20 членови на нашиот клуб, но и други сопственици, кои изразија желба да бидат дел од парадата. Покрај идејата да се собираме , дружиме и разменуваме мислења и информации исконтактиравме и со позната данска фирма за набавка на делови кои многу тешко се наоѓаат кај нас -вели Благоја Стојковиќ, претседател на Буба-клубот Македонија.

Една од најоригиналните и највпечатливи буби со прекрасна уметничка декорација беше на Александар Јовановски од Кочани. Какако страствен љубител на олд-тајмерите, тој научил сам да ја одржува колата.

 Во моето семејство бубата има долга традиција. Од дедо ми, татко ми и еве сега јас возам Буба. Кога имаш голема љубов кон нешто, сакаш се да научиш и да истражиш. Се информирав, читав и самиот ја уредував Бубата и нормално самиот ја одржувам. Верувам во Бубите,чувството додека ја возиш е како да си голем човек во мал автомобил- вели Александар.

Љубителите на бубалката чиј живот минува со воздушно ладење на страста, велат дека, ако причината поради која ја возите и сакате бубата е повеќе од превозно срество и ако сте личност подготвена за дружење, спортско натпреварување и дијалог со истомисленици, да се придружите на нивниот клуб.

Легендарните Буби на дефиле низ градот

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk