×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Неподнослива леснотија на постоењето

    27.07.2025 11:50 | Виктор Божиновски
    Виктор Божиновски

    Знаете и самите дека често и со задоволство ги користам социјалните мрежи за да споделам свои мисли за разни области, особено правото, спортот, културата, музиката, а мошне често и за актуелните политички збиднувања како во Куманово така и во Македонија. Меѓутоа, сега, до таму е дојдена работата што едноставно не може а да не се коментираат некои појави, ставови и “глупирања“ од луѓе кои во нормални услови би требало да бидат одговорни за нормално функционирање на системот во целина, меѓутоа, очигледно ниту можат ниту знаат како да се носат со “бремето“ кое го носат па ставовите се толку бесмислени што едноставно не можеш да молчиш. Кога, пак, ќе видиш кој се и што коментира, состојбата станува загрижувачка во смисла на вредностите кои треба да ги споделува едно нормално општество. Стануваме се повеќе држава која не умее да го цени она што е квалитетно и се повеќе не зафаќа “српскиот синдром“ во кој поважен им е Усеин Болт од нивниот Новак Ѓоковиќ, само затоа што не се “потчинил“ на врховниот владетел и почнал да ги подржува студентите и да “пумпа“. Се претвораме во “Карлеуша“ општество.

    Отвораш Фејсбук, наидуваш на пост на човек кој нешто значи во својата фела или активен или поранешен функционер, сериозен новинар, кој изнесува мислење и став за одредена општествена појава или одредена активност. Отвораш коментари, навредливи,
    простачки, без никаква смисла. Го отвораш профилот, лажен. Некој ставил лажна слика и никогаш ништо не објавил, ама го има секаде по коментари, навредува. Одма ти текнува на онаа старата “дошло време кога умните молчат а будалите зборуваат“.

    Други “коментатори“ пак некултурни, невоспитани, нерационални, време во кое исполитизираноста, алчноста и полтронството станаа главни доблести во државата а ретко кој мисли со сопствена глава. Сите се во состојба на “константна војна“ со секого и сешто, сеуште се расправаме кој е патриот а кој предавник. Сеуште на Мицко и на Максо не им е јасно дека нема потреба да го бранат нашиот идентитет од никого, затоа што идентитетот не е точак па некој да ти го украде! За жал, време е на ликови кои се “главни фраери“ кои колку повеќе врескаат и урлаат по противникот, а величаат луѓе со ограничен капацитет.

    Така е во целата држава, а ни Куманово не е исклучок, па се почесто си го поставувам прашањето каква е оваа неподнослива леснотија на постоењето? Се сеќавам на едно време, не така одамна, пред 15-20 години, кога исто така постоеја спротивставени мислења, луѓето се расправаа, и по цели денови и ноќи, ама со аргументи, не со навреди и подметнувања, и на крајот пак се седнуваше на заедничко кафе без разлика на “исходот“ од расправијата.

    Денес веќе не е така. Толку омраза на едно место го тера човек да батали прелистување и да седне да си прочита добра книга или да изгледа некој добар филм. Се се сведува на расправии кои, што е најстрашно, одат во јавност и секој може да прочита за какви банални глупости се работи, прашања кои се решаваат со муабет во канцеларија, на кафе, на ручек, сеедно. Зарем мора цело Куманово да гледа и знае до каде понекогаш стигнува нетрпеливоста.

    Не можам да разберам зошто е толку тешко да се седне и да се разговара без да се “фрла“ валканиот веш пред целата јавност. И тоа секогаш ќе го искористи оној другиот, кој иако врска нема што се случува околу него, ниту пак разбира за какви прашања се работи, со задоволство “ликува“ на нервозата на првиот.

    И сега ќе прашам... како дојдовме до овде? Дојдовме така што народот наш, и така полн со омраза кон се, сешто и секого, луѓе кои во нормални услови не би имало каде ни да кажат нешто умно, ниту пак некој да ги слуша, преку ноќ станаа главни “плукачи“, бидејќи некој тоа им го дозволил, невнимавајќи за долгорочните последици, и после сите ќе се прашуваат кој е “Кумановска горила“, лик, кој сето ова што го пишувам добро го разбрал на време и сега со право “ќе си тера мајтап“ на негов начин.

    Конечно, мислам дека е време или на нас самите да ни дојде умот, или да дојде некој, “да залепи по 2-3 шамари“ и ситуацијата да се врати колку-толку во нормала. Секогаш е подобра првата варијанта, втората секако е поболна.

    Го читав статусот на Иван Анастасовски-Џони пред некој ден околу организацијата на овој ЦИРКУЗ кој го нарекоа “Европска младинска олимпијада“ или како веќе беше називот, не е ни важно. Апсолутно е точна дефиницијата дека луѓето што моментално раководат со Куманово се способни да организираат само пифтијада, гроздобер, ракијада, оној настанот со гравот и толку. Како поинаку да се толкуваат вестите-и пишани и оние со слики, ние правниците што ги викаме “in flagranti” од кои може да се види дека дупки на улици се крпат пред очите на спортистите кои само што не почнале велосипедска трка, во тазе реновирана спортска сала за која се потрошени милиони евра тој “чувени“ семафор работи на “гурање“ а внатре има 50 степени, каде велосипедисти ги удираат кола додека тренираат, каде паѓа спуштен плафон од гипс-картон у соба од хотел или којзнае каде, како се игра кошарка на кош кој нема мрежичка и НИКОЈ ЗА ОВА НЕ ОДГОВАРА??? Како да го разбереш оној несреќниот министер за спорт кој пред два и пол месеци се фалел дека целото Министерство и цела Влада се организатори на настанот, а денес вика немал он појма за тоа, тоа знаела Данела? И влакно од глава не му фали! Се претворивме у држава у која никој за ништо не одговара.

    За среќа, од време на време, постои демократски институт кој се вика избори и кога граѓаните кажуваат што мислат, кој пат треба да фатиме, ако ни е арно да си одиме вака како до сега, ако не да излеземе и да кажеме дека ова вака не оди. Затоа што “кармата е една фина госпоѓа која одеднаш ќе ти се појави на прва кривина и ќе ти каже:Нели ти кажав?“. А до октомври допрва ќе ви кажувам...

     

    Виктор Божиновски адвокат

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*