Сите карти се на маса, сега се на ред кумановци

После многу шпекулации, конечно знаеме кои се кандидатите за градоначалник на Куманово и кои луѓе претендираат да станат членови на Советот на Општина Куманово. Сите имаа прилика да ги измерат рејтинзите на потенцијалните кандидати и да ги кандидираат луѓето за кои сметаат дека имаат најголеми шанси за успех. Истовремено има и независни кандидати за градоначалник и независни советнички листи, па точно се знае помеѓу кого ќе се бијат главните битки.
Она што прво паѓа во очи е дека ДПМНЕ, како најголема партија на власт, нема свој кандидат за градоначалник во најголемата општина во Македонија. Тоа, секако, е голем недостаток, особено затоа што навистина не е јасно како ќе водат кампања без свој кандидат – само со советничка листа. Имено, според законот, позицијата на Советот не е незначајна, но сепак е прилично лимитирана, бидејќи Советот на Општината може да му прави „опструкции“ на градоначалникот само до одредена мера. На крајот на краиштата, градоначалникот е тој што ги спроведува проектите. Во случај да не се изгласа буџетот на Општината, веднаш се распишуваат нови избори, но само за Совет, бидејќи градоначалникот е речиси невозможно да се отповика.
Од друга страна, овие кандидати на ДПМНЕ ќе мора да им објаснат на кумановските граѓани зошто четири години „беспоговорно“ ги гласаа сите одлуки на актуелниот градоначалник, без разлика колку некои од нив беа сосема „сулуди“. Ќе треба да објаснат зошто ги гласаа двете одлуки на Советот кои подоцна Уставниот суд ги укина, зошто гласаа за Одлуката за ДУП за „Лидл“, за која многу е кажано досега, како и за сите други одлуки што беа предмет на критики од граѓаните. Но тоа е проблем на ДПМНЕ.
СДСМ предложи сосема солидна листа на кандидати за Совет, а за градоначалник го понуди Мартин Костовски – човек кој 10 години работеше во Општина Куманово и добро знае како функционира „системот“ одвнатре. Беше и пратеник во еден мандат, едноставно човек кој може да ги „исправи“ работите кои во Куманово во последните 8 години „забегаа“ до таа мера што веќе е досадно да се зборува за купиштата ѓубре, дивите депонии, плоштадот кој три пати се реконструира, дупките по улиците што ги има на секој чекор... Едноставно, Мартин знае како да ги поправи сите овие промашувања на актуелниот градоначалник. И не е само „оправањето“ на катастрофите што ги имаме, туку и нови проекти кои веќе се нудат и кои се јавно достапни на сите социјални мрежи, а за кои сигурно ќе се разговара и во самата кампања.
За ЗНАМ и Максо, пак, што да кажам што веќе не сум кажал досега? Доволно е да ги прегледате сите мои колумни и ќе разберете колку во овој град е направено лошо во последните години. Наместо градинки, училишта, чиста река и катни гаражи, ние живееме во град кој изгледа како да паднала нуклеарка, во кој најголемо достигнување е оној „чир“ во центарот на градот што требаше да биде монтажна гаража, а кој како дојде овде – така ни се потсмева. Но, тоа е негов проблем, нека си мисли што ќе ветува повторно кога ништо од претходно ветеното не исполнил.
Од останатите кандидати не знам кого посебно да истакнам, ниту за градоначалник ниту за Совет. Најголемо разочарување ми е Левица, која не предложи советничка листа, туку листа „за во градинка“. Сепак, кога некого кандидирате за член на Совет, треба да има и некаква животна биографија. Од ова што го гледам... навистина не знам што убаво да кажам.
На крајот, сакам да кажам за што ќе бидам ПРОТИВ, а за што ќе бидам ЗА:
Ќе бидам ПРОТИВ расипништвото, некултурата, слепилото, ПРОТИВ ужасот што ни се случува во градот во изминатите 8 години, ПРОТИВ криминалот на „фамилијата“, ПРОТИВ невизионерството и немањето доблест, ПРОТИВ лудилото и затворениот ум што го гледаме секој ден. ПРОТИВ сите што се удираат во гради дека се големи Македонци, пеат македонски песни по бугарски „биртии“, а кога ќе дојде време – прават спротивно од кажаното, ПРОТИВ лажниот патриотизам, пресметан во украдени пари и уништен град.
Ќе бидам ЗА нов, модерен и урбан град како дел од развиена и современа Македонија, ЗА град од кој нашите деца нема да се срамат, туку ќе сакаат да останат да живеат во Куманово, ЗА хармонични односи меѓу Македонци, Албанци, Роми, Срби, Турци, Власи и сите што живеат овде, ЗА модерен и прогресивен политичар кој Куманово го смета за свој дом. ЗА демократски вредности и заеднички договори меѓу сите партии што му мислат добро на Куманово. Едноставно, ќе бидам ЗА ИДНИНАТА НА КУМАНОВО.
Ако сакате да се промени ова сивило во кое живееме – тогаш знаете што да направите. Ако ви е убаво вака... вие си знаете.
Виктор Божиновски, адвокат
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*