Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Неодговорно е покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза, велат од Владата, откако Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) одби да ја прифати понудата за покачуваше на платите за 10 отсто.
„Тоа значи дека наставниците и воспитувачите би добиле просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања. Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786 денари. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874 денари. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари“ Влеат од Владата.
Од Владата велат дека интересот на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат.
„Децата и учениците треба да ни се на прво место, затоа нарушувањето на образовниот процес е спротивно на правата загарантирани со Уставот и Законите. Местото на учениците е во училиштата и настава мора да има. Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованите, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство“, додаваат од Владата.
Од Владата објаснуваат дека согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите. Ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок.