Дезинформациите ги празнат вакциналните пунктови во Тетово и Гостивар

25.11.2021 09:28 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

Драстично е намален интересот за вакцинација во Тетово, а со тоа и потребата од медицински кадар и пунктови за имунизација. Вo јули и август на дневна основа се вакцинираа над 1.500 граѓани, претежно со прва доза. Сега дневно се вакцинираат од 200 до 300 лица, а половина од нив со бустер, односно трета доза. Дезинформациите се една од главните причини поради кои луѓето губат интерес за имунизација, особено младите

Дезинформациите ги празнат вакциналните пунктови во Тетово и Гостивар Фото: Вистиномер

Пишува: Зоран Димовски

 

Од четири вакцинални пунктови кои работеа во Тетово изминатово лето, сега на граѓаните им е достапен само еден пункт за вакцинација, во просториите на Центарот за култура „Иљо Антески Смок“.

„Вистиномер“ го посети  вакциналниот пункт во Тетово. Оттаму велат дека не се задоволни од бројот на имунизирани. Имунизацијата којашто одлично се одвиваше во летниот период, сега како да замре. Додаваат дека во последниве неколку денови има нешто повеќе заинтересирани за вакцинација, веројатно поради најавените мерки на Комисијата за заразни болести, но сепак тоа не е некакво значително зголемување.

 

ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ЈА ПОТКОПУВААТ ИМУНИЗАЦИЈАТА

Како главни причини за намалениот интерес ги посочуваат и намалениот број на позитивни случаи на коронавирусот како и хоспитализирани, што резултира со олабавување на граѓаните. Но, од друга страна, големо влијание имаат и разните дезинформации кои се шират, особено меѓу младите и тоа пред сè на социјалните мрежи.

Џарие Асани, координатор на вакциналниот пункт во Тетово, вели дека имало случаи млади да дојдат во пунктот и да ја прашаат дали вакцината „Фајзер“ предизвикува стерилитет.

Им велам дека тоа е апсолутна лага, некои ќе ме послушаат, но некои се подложни на вакви дезинформации и излегуваат од пункот невакцинарани, ни раскажува Асани.

Џарие Асани, координатор на вакциналниот пункт во Тетово
Фото: Вистиномер
Таа нагласува дека дезинформациите прават голема штета на процесот на имунизација.

Сè уште е мал интересот, но очекуваме да се зголеми, само мора да престанат дезинформациите дека вакцините се штетни. Најмногу на нив наседнуваат младите, по интернет пишува сè и сешто. Затоа, треба за вакцините да ги слушаат докторите и експертите. Инаку, се случува да дојдат млади луѓе и чекаат еден од нив да се вакцинира. Велат ајде тој да се вакцинира да видиме дали нешто ќе му се случи, па и ние ќе се вакцинираме, вели Асани.

 

ДОКТОРИТЕ АПЕЛИРААТ: ВАКЦИНИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ

Доктор Ратко Давидовски, вработен во Центарот за јавно здравје Тетово, вели дека дезинформации се шират од почетокот на пандемијата, а особено кружат по социјалните мрежи.  Доктор Давидовски како пример ја посочува дезинформацијата дека вакцините предизвикуваат стерилитет. Тој напоменува дека граѓаните треба да престанат да користат некредибилни извори. Истовремено потенцира дека има повеќе студии кои докажуваат дека вакцината нема асполутно никаква поврзаност со појавата на стерилитет.
 

Напротив неколку студии покажаа дека вирусот ковид-19 при инфекција предизвикува краткотрајна промена на сперматогенезата, во смисла на пад на број на сперматозоиди. Затоа мора да бидеме одговорни и да се вакцинираме. Во пракса имаме студии за голем број на забременети жени кои биле вакцинирани. Што се однесува до составот на вакцините, поконкретно на состојките кои ја стабилизираат вакцината, тие се во концетрации кои се во согласност со концетрациите кои се дозволени во водата за пиење. Станува збор за појачувачи, стабилизатори и конзерванси. Стигмата е најчесто за алуминиумовите соли кои се појачувачи и живата која е стабилизатор. Но, нивните концетрации во вакцината се многу ниски, исти или слични колку што ги има во водата за пиење, ни рече д-р Давидовски нагласувајќи дека луѓето не треба да се плашат да се вакцинираат бидејќи вакцините се  безбедни.

Доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово
Фото: Вистиномер

На овој линк, инаку,  може да се види една од студиите којашто потврдува дека вакцината не предизвикува стерилитет

И во гостиварско се шират дезинформации за некаква штетност од вакцината, вели за „Вистиномер“ доктор Ратко Наумовски, началник на инфективното одделение при Општа болница Гостивар. 

Да беше штетно здравствените работници немаше да се вакцинираат, напоменува тој.

Иако, Законот во време на пандемија го ослободува доктор Наумовски од работни обврски – затоа што има дијабет, сепак тој оди на работа. Вели дека сака да помага,  дека пациентите треба да ги слушаат лекарите и да веруваат во науката. Пациентите често го прашуваат дали треба да се вакцинираат, а тој им го кажува неговиот личен пример, дека постојано е со болни во одделението, но вакцината  е таа што го заштитува.

Доктор Ратко Наумовски, началник на инфективното одделение при Општа болница Гостивар 
Фото: Вистиномер

Кај нас најбурен период беше јули, август и почеток на септември. Можам да кажам дека сите кои биле вакцинирани имаа полесна клиничка слика, за разлика од оние кои немаа примено ниту една доза вакцина. Сега е намален е интересот за вакцината. Доаѓаат отстрана секакви информации за вакцината, па дури и политиката и политичарите се мешаат. Во здравството не треба да се меша никој, нас како здравствени работници не нè интересира од каде дошол вирусот, дали е пуштен за некоја цел… Нас нè интересира да им помогнеме на луѓето, да го заштитиме нивното здравје и да ги спасиме од смрт. Се шират дезинформации дека вакцините се штетни, дури дека во нив има чипови и слично… Тоа влијае кај луѓето, се плашат да не се јават кај нив некакви последици. Но, вакцините се безбедни. Секоја вакцина дава локални и општи симптоми како покачена температура, главоболка. Тие симптоми се вообчаени за секоја вакцина, не само во вакцината против ковид-19. Јас сум дијабетичар, со инсулин сум и можев веднаш да заминам дома, да не одам на работа поради пандемијата. Но, останав тука, ги лечам гостиварци. Се вакцинирав и апелирам оние кои не се вакцинирани, што поскоро да ја примат вакцината за да се заштитиме , вели доктор Наумовски.

И податоците на Министерството за здравство велат дека смртноста од ковид-19 драстично е помала во градовите каде има поголем опфат на вакцинирани, за разлика од градовите како Тетово. Градот под Шара последниот бран го дочека со 19 отсто вакцинирани, што резултираше со голем број жртви и хоспитализрани во месеците јули и август. 

И последната анализа на Министерството за здравство ( 19.11.2021 г.), говори дека невакцинираните највеќе страдаат од вирусот Според анализата во период од 06.08 до 18.11.2021 на територија на државата 53.682 граѓанин, се позитивни од тестирани на ковид-19, од нив 31 отсто биле целосно вакцинирани, односно 16.702 лица.

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистика за изминативе месеци, 36.980 граѓани, односно 69 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани е голем, од моментално 534 хоспитализирани пациенти, 123 се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува прегледот од Министерството за здавство.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk