Вакцините против ковид не предизвикуваат канцер

30.11.2021 09:51 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

Податоците од клиничките тестирања и почетокот на вакцинацијата против ковид-19 не покажуваат линк меѓу вакцините и стапката на канцер. Пациентите со малигни хематолошки заболувања во Северна Македонија имаат и официјални препораки од Клиниката за хематологија, да се вакцинираат. Во сите упатства за користење на вакцините, ниеден несакан ефект не е канцер. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за ден или два

Вакцините против ковид не предизвикуваат канцер

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се вели дека мРНК во вакцината предизвикува канцер. Авторката на постот додава дека нобеловец изјавува дека не сака да се вакцинира токму поради тоа што вакцината предизвикува рак. Во видеото зборува Луц Монтањер кој има добиено Нобелова награда за физиологија на медицината во 2008 година.

Со почеток во 28 секунда во видеото тој вели:

Видете, би сакал да го намалам доживувањето околу тој проект (вакцинација н.з). Тоа е проект на долги стази, а на луѓето што работат на вакцината им се бара да завршат со неа веднаш. Ако го прифатат тоа ќе направат грешка зашто би можело да се појават непредвидливи последици. На пример канцер, органите би можеле да тргнат во непредвидливо производство. Тоа е несмасна игра, вели тој.

Токму овој мит дека вакцината би можела да предизвика канцер, е меѓу најчестите и затоа Министерството за здравство на својата веб-страница во делот за факти и митови, образложува дека не е вистинит.

мРНКвакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на официјалната страница за вакцинација на Министерството за здравство.

Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер.
 

Податоците од клиничките тестирања и почетокот на вакцинацијата против ковид-19, не покажуваат линк меѓу вакцините и стапката на канцер, според експертите за здравство.

Повеќе од 6 милијарди луѓе имаат примено вакцина против ковид 19 ширум светот и инциденцата за канцер не е поврзана со апликацијата на вакцините, вели тој.

Повеќето научници гледаат намалена стапка на канцер од почетокот на пандемијата, затоа што според проценките, барем 20 проценти од луѓето мора да ја одложат медицинската грижа и третман за време на пандемијата, вклучително и тестирање и дијагноза на канцер.

Алцендор вели дека активните состојки во вакцините на „Фајзер“, „Модерна“ и „Џонсон“ не се онкогенични односно не предизвикуваат канцер. Лекарите, исто така, велат дека вакцините се безбедни за луѓето кои веќе имаат канцер.

Доктор Мајкл Имперале, професор на одделот за микробиологија и имунологија на Универзитетот во Мичиген вели дека тврдењето дека ковид вакцините може да предизвикаат канцер е невистинито.

Ниедна состојка во вакцините не предизвикува канцер и нема докази за да се поврзе канцерот со вакцинацијата, изјави тој.

Доктор Марк Шломчик, претседател на одделот за имунологија на Универзитетот во Питсбург за медиицна, вели дека идејата дека вакцините може да предизвикаат канцер се невистинити.

Нема практичен начин, вакцината да предизвика рак. Ниедна вакцина која било кога сме ја проучувале или е користена за да се превенира инфекција, било кога била поврзана со канцер, вели тој.

Во сите упатства за користење на вакцините, ниеден несакан ефект не е канцер. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за ден или два.

Пациентите со малигни хематолошки заболувања во Северна Македонија имаат и официјални препораки од Клиниката за хематологија, да се вакцинираат.

Од Министерството за здравство велат дека во нашата држава секоја вакцина е одобрена само доколку успешно ги поминала сите три фази на клиничките студии. По одобрување на пазарот, вакцината продолжува внимателно да се следи и проценува со цел да се забележат многу ретки несакани ефекти.

Поради низата експерти кои демантираат поврзаност меѓу вакцинацијата и канцерот, оценуваме дека не е вистина дека ковид вакцините може да предизвикаат рак.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk